Mercedes од BMW ја презема челната позиција на пазарот на луксузни возила

Германскиот производител на автомобили „Mercedes-Benz“ го надминал домашниот конкурент BMW на позицијата водечки производител на луксузни автомобили во штотуку изминатата 2016 година.



Минатата година „Mercedes-Benz“ продал речиси 2,1 милиони возила во светот, за 11,3 отсто повеќе во однос на претходната 2015 година, соопшти во понеделникот нивната главна компанија „Daimler“. Со тоа компанијата чие седиште е во Штутгарт се врати на челната позиција којашто ја загуби во 2004 година од ривалот од Минхен – BMW.

 

„Благодарејќи на растот на побарувачката, особено во Кина и во Европа, дојдовме до водечката позиција во сегментот луксузни возила“, изјави директорот на „Daimler“, Дитер Затше, додавајќи дека „Mercedes-Benz“ постигнал најдобра продажна година шеста година по ред.

Поради силниот раст на кинескиот пазар, тамошната продажба на „Mercedes“ се зголемила за 26,6 отсто за една година. Групацијата двоцифрен раст на продажбата остварила и во Европа, за 12,4 отсто, додека продажбата во САД незначително се намалила за 0,8 отсто.

Од „Daimler“ исто така известија и за рекордна продажба на нивниот компактен модел „Smart“, чијашто продажба скокнала за 21 отсто во однос на 2015 година, достигнувајќи 144.500 продадени возила во светот.

Од BMW исцрпните податоци за 2016 година ќе ги објават подоцна седмицава, Меѓутоа, податоците објавени во декември покажале дека во 11-те месеци од мината година продале повеќе од 1,8 милиони возила, за 5,6 отсто повеќе отколку во 2015-та, но многу под вкупните годишни податоци на „Mercedes“

Исто така, во понеделникот беа објавени податоците на уште еден германски автомобилски концерн „Volkswagen“, кој во 2016 година продал 1,87 милиони примероци од својот луксузен бренд „Audi“, за 3,8 отсто повеќе отколку претходната година, но тоа најверојатно ќе го стави на третото место според бројот продадени луксузни возила. Оваа компанија, чиешто седиште е во Инголштад, претрпи „силни неповолни движења на многу важни пазари“, призна членот на управата, Дитмар Вогенрејтер.

И некои автомобили на „Audi“ се најдоа меѓу возилата на VW во центарот на скандалот „дезелгејт“, откако овој гигант во автомобилската индустрија го призна вградувањето на софтвер кој мамел на тестовите за емисија на штетните гасови на 11 милиони дизел возила во целиот свет./извор:Макфакс

Loading...