НБРМ: Раст на штедењето на населението

Комитетот за оперативна монетарна политика на НБРМ, на последната редовна седница одржана во вторник, ги разгледа состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.

 

По намалувањата од по 0,25 процентни поени во декември 2016 година и во јануари 2017 година, на оваа седница беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за дополнителни 0,25 процентни поени и таа да изнесува 3,25%, а понудата на благајнички записи да остане непроменета на ниво од 25.000 милиони денари. Ваквата реакција претставува нормализација на монетарната политика и е одраз на постојаното стабилизирање на очекувањата и на довербата на економските субјекти и со тоа континуирано исцрпување на ефектите врз економијата од политичката криза.

Сигналите за стабилизација и понатаму се видливи во двата пункта каде што политичката криза имаше најголеми ефекти – штедењето на населението и склоноста за располагање со девизи. Првичните јануарски податоци упатуваат на понатамошен раст на штедењето на населението во банкарскиот систем, со што тие се зголемуваат осум месеци последователно. На девизниот пазар, по високиот износ на откуп во изминатите шест месеци, во јануари позицијата на НБРМ беше неутрална. Девизните резерви и понатаму остануваат на адекватно ниво. Поволните остварувања се во услови кога оцените за стабилноста на економските фундаменти и натаму остануваат позитивни.

Во однос на економската активност, бројот на засега расположливите показатели за четвртиот квартал од годината е ограничен и нивното движење дава различни сигнали. Сепак, гледано во целост, состојбата во економијата во последниот квартал од годината се оценува како нешто понеповолна во однос на третиот квартал. Досегашните остварувања и тековно достапните високофреквентни показатели упатуваат на раст на економијата во текот на целата 2016 година, којшто не би отстапувал многу во однос на проекцијата.

Јануарските податоци за движењето на цените во домашната економија покажуваат годишен раст на инфлацијата од 0,6%, што е во склад со очекувањата. Сепак, нагорните корекции на очекуваното движење за 2017 година кај влезните претпоставки за увозните цени упатуваат на потенцијални нагорни ризици во однос на проекцијата на инфлацијата во 2017 година, како последица на фактори на страната на понудата.

Понатамошното стабилизирање на очекувањата на економските субјекти е видливо и преку промените кај депозитите на населението во банкарскиот систем. Првичните податоци за јануари 2017 година покажуваат натамошен раст на штедењето на населението, осми месец последователно. Вкупната депозитна база во јануари забележа месечен пад, што не претставува невообичаено движење за овој период. Од друга страна, солидната динамика на зголемување на депозитите на годишна основа продолжи и во текот на јануари. Во однос на кредитната активност, прелиминарните податоци со јануари покажуваат благ пад на месечна основа, што доаѓа по значителното зголемување во претходниот месец. Намалувањето на вкупните кредити, слично како во претходните две години во првиот месец, во целост произлегува од пониското ниво на кредити на претпријатијата, при умерен раст на кредитирањето на населението. На годишна основа, според првичните податоци, кредитната активност во јануари расте со солидно темпо, што е блиску до проектираниот раст за првиот квартал на 2017 година, согласно со октомвриската проекција.

Во текот на јануари ликвидноста на банките го продолжи нагорниот тренд, којшто во овој месец се должеше на сезонските фактори, главно поврзани со пониската побарувачка на готовина во економијата по новогодишните и божиќните празници. Во такви околности, дел од вишокот денарски ликвидни средства на почетокот на годината беше повлечен преку основниот инструмент – благајничките записи. Краткорочните промени кај ликвидноста банките ги усогласуваа преку пласирање средства во расположливите депозити кај Народната банка, чијашто состојба се задржа на релативно високо ниво.

На девизниот пазар, во првиот месец од годината движењата беа вообичаени и согласно со очекувањата на Народната банка. На седницата беше констатирано дека банките во трансакциите со клиентите остварија нето-продажба на девизи, којашто главно е одраз на сезонски повисоката побарувачка на девизи од страна на фирмите. Од друга страна, физичките лица и во јануари имаа умерено повисока понуда на девизи на годишна основа, што упатува на натамошно продолжување на поволните трендови на овој пазарен сегмент. Банките во целост ја надоместија нето-побарувачката на девизи од клиентите во јануари од сопствените девизни средства, што услови урамнотежување на меѓубанкарскиот девизен пазар и неутрална позиција на Народната банка во интервенциите на девизниот пазар.

Податоците за девизните резерви во јануари покажуваат пад, во голем дел како резултат на фактори од привремен карактер. Сите показатели на адекватноста на девизните резерви покажуваат дека тие постојано се движат во сигурната зона. Во однос на показателите од надворешниот сектор, за почетокот на годината достапни се само податоци за менувачкиот пазар заклучно со втората декада од јануари, коишто упатуваат на нешто пониски нето-приливи од приватните трансфери во однос на проектираните. Сепак, периодот е премногу кус за да се дадат посигурни констатации. Од друга страна, последните расположливи податоци за билансот на плаќања упатуваат на можност за остварување дефицит во тековната сметка блиску до проектираниот и повисоки нето-приливи во финансиската сметка од очекуваните.

Меѓународните финансиски пазари главно беа под влијание на очекувањата на пазарните учесници за повеќе детали во однос на економската и трговската политика на САД којашто во наредниот период ќе ја спроведува кабинетот на новиот претседател. Притоа, вредноста на САД-доларот умерено се намали, а цената на златото регистрира нагорен тренд. Во услови на сѐ уште нејасни ефекти на новата фискална политика, на состанокот во јануари Федералните резерви го задржаа претпазливиот став во однос на идните чекори за нормализирање на монетарните услови во американската економија. Од друга страна, според носителите на политиката на ЕЦБ, и покрај нагорното движење на инфлацијата, сè уште е потребна поддршката од монетарната политика за да се констатира дека доближувањето на инфлацијата до таргетот е одржливо. Во такви услови, беше задржан релативно повисокиот распон меѓу приносите на државните обврзници во САД и еврозоната.



На седницата беше оценето дека последните податоци покажуваат натамошно стабилизирање на очекувањата на економските субјекти, што придонесува за раст на штедењето на населението и стабилни движења на девизниот пазар. Ваквите поволни поместувања укажуваат на присутни услови за приспособување на основната каматна стапка на нивото пред мај 2016 година.
Оцените за стабилноста на економските фундаменти остануваат позитивни. Ризиците од домашните политички случувања се ублажени, но сепак и понатаму присутни и изразени. Воедно, и ризиците од глобалното окружување остануваат актуелни.

НБРМ и во следниот период внимателно ќе ги следи движењата, а идните промени во монетарната политика во голема мера ќе бидат условени од понатамошното стабилизирање на домашниот политички амбиент.

Loading...