Фед ја подигна референтната каматна стапка вторпат за три месеца

Централната банка на САД-Федералните резерви(Фед) ја подигнаа во среда референтната каматна стапка вторпат за три месеца, сигнализирајќи со тоа дека оваа година ќе има и други зголемувања и дека вкупниот раст на каматите ќе биде постепен.

 

Овој потег ја одразува доследната солидност на економијата на САД и веројатно ќе доведе до зголемување на каматата на некои потрошувачки и бизнис кредити.

Клучната краткорочна каматна стапка на Фед е зголемена за четвртина процент, од 0,75 отсто на и натаму ниските 1,00 отсто.

Централната банка ова го објасни со јакнењето на пазарот на трудот и растот на цените, со што се доближи до постигнувањето на целите за вработување и за инфлација.

Пораката на Фед е дека речиси осум години од завршувањето на „Големата рецесија“, на економијата повеќе не и е потребна поддршка на ултра ниската камата за задолжување и дека таа е доволно здрава да ги издржи и поскапите кредити.

Предвидувањата на централната банка малку се променија и властите за оваа и следната година очекуваат економски раст од 2,1 отсто, но и опаѓање на растот на 1,9 отсто во 2019 година.

Претседателот Доналд Трамп порано рече дека неговата економска програма може да донесе раст од 4,0 отсто.

Мерилото на здравјето на економијата, бруто-домашниот производ и натаму е под нивото што е карактеристично за здрава економија.

Фед обично ја подига каматната стапка за да спречи „прегревање“ на економијата и превисок раст на инфлацијата.

Но, доколку Фед оваа година ја подигне стапката три или четири пати и уште трипати во 2018 година, референтната каматна стапка ќе биде на такво ниво што ќе почне да ја гуши економската активност, укажува AP.

спонзориран линк:
Loading...