Пратениците го усвоија ребалансот на буџетот, ВМРО-ДПМНЕ бојкотираше

Пратениците со 61 глас „за“ и два гласа „против“ попладнево го усвоија ребалансот на буџетот. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ иако учествуваа во петте дена расправа за ребалансот на буџетот, за време на гласањето ја напуштија седницата. Како што рече пратеникот Илија Димовски, целта ма ваквиот потег е цела одговорност да ја остават на парламентарното мнозинство.

 

Со ребалансот на буџетот, приходите и расходите се намалуваат за 2,9 милијарди денари и се предвидува економски пораст од 2,2 проценти на домашниот бруто-производ.

Според министерот за финансии, Драган Тевдовски најголемо кратење има на непродуктивните трошења, на патувања и реклами промоции. За првпат, најголемо кратење имаше од буџетот на кабинетот на премиерот при што беа скратени 420 милиони денари.

Буџетскиот дефицит е проектиран на 18,57 милијарди денари. Отплатата на долгот изнесува 18,35 милијарди денари во 2017 година. Во согласност со тоа, потребата за финансирање изнесува 36,92 милијарди денари. Финансирањето на буџетскиот дефицит и отплатата на долгот ќе се обезбедат преку задолжување на домашниот пазар на државни хартии од вредност, кредитни линии наменети за финансирање на одделни проекти, како и од депозитот пренесен од минатата година.

ВМРО-ДПМНЕ, пак смета дека со овој ребаланс на буџетот нема да има никаков економски пораст и нема да биде завршен ниту еден проект. Тие обвинија дека се кратат пари за образованието, здравството и промоција на државата.

 

Loading...