Вести, забава, спорт...

Ќе се прави ревизија кој зел државно земјоделско земјиште

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство почна ревизија на регуларноста на доделувањето под закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост во изминатите години.Резултатите од ревизијата ќе покажат на кој начин се доделувало државното земјоделско земјиште, дали се почитувале пропишаните услови и критериуми, законските одредби и дали целиот процес бил транспарентен. Крајно, оваа ревизија ќе покаже дали земјоделското земјиште во државна сопственост било доделувано во рацете на вистинските земјоделци.

 

Со оглед на обемната документација и опфатениот период на ревизијата, од Министерството најавуваат дека целиот просец ќе трае подолг период, а првиот пресек на ревизијата се очекува да биде готов до крајот на годинава.

„Земјоделското земјиште како добро од општ интерес за Македонија ужива посебна заштита и се користи под услови и на начин утврдени со Законот за земјоделско земјиште.А тоа значи дека корисниците на земјоделското земјиште се должни земјиштето да го користат согласно со неговата намена, да ја одржуваат и зголемуваат плодноста и да спречуваат негово загадување или друг вид деградација.Според официјалните податоци, од Агенцијата за катастар на недвижности, земјоделското земјиште во сопственост на Македонија изнесува 170 илјади хектари. Од нив, моментално под закуп се околу 101 илјади хектари.

Еден од нашите приоритети е целосното искористување на развојниот потенцијал на земјоделскиот сектор, преку зголемување и окрупнување на земјоделските површини и приноси, што ќе значи и поголеми приходи за семејствата кои се занимаваат и кои егзистираат од земјоделството.Затоа е важно земјоделското земјиште да биде во рацете на оние земјоделци на кои земјоделството им е примарна дејност.

Начелото на правичност и транспарентност ќе биде еден од главните критериуми при доделување на земјоделското земјиште во идниот период, со цел тоа да биде во рацете на вистинските земјоделци. А ефикасното управување со земјоделското земјиште ќе обезбеди негово рационално користење како ограничен природен ресурс“, соопшти министерот Љупчо Николовски.(Макфакс)