Вести, забава, спорт...

(ВИДЕО) Објавена првата најава за индискиот филм „Мерсал“, кој се снимаше во Македонија

Акциониот трилер „Мерсал“, во режија на младиот, но веќе етаблиран индиски режисер Арун Кумар – Атле, се снимаше во Скопје, во Македонскиот народен театар од 1 до 9 мај, со тоа што последниот ден завршните кадри од филмот беа снимени на плоштадот во Скопје.

„Мерсал“ го означува влезот во Македонија на една од најголемите продукции во Индија, но и во светот, Боливуд, кој се смета за пандан на Холивуд, иако е далеку поголем со продукција од 2.000 филма годишно.

 

Влегувањето на Боливуд е плод на долгогодишната работа на македонскиот продуцент Дејан Илиев, кој заедно со локацискиот менаџер од Индија, Натарајан Рамџи, ја основаа продуцентската куќа „МИНД продукција“ и го обезбеди снимањето на овој огромен проект во нашата земја.

„Мерсал“ се снимаше во Индија и во Македонија, а продолжува во Полска, во Краков и во Гдањск.

„Факт е дека во Македонија влегоа големи финансиски средства. Филмската екипа од Македонија, која ја сочинуваа 50-ина луѓе, беше вклучена во речиси сите сегменти, во продукцискиот дел, потоа сценографија, на која работеше Влатко Зафирковски, костимографија, за која беше ангажиран Раде Василев, шминка, светло, сцена, пиротехника, транспорт. На филмот беа ангажирани 750 статисти кои играа полицајци, новинари, фоторепортери, како и публика, бидејќи сцената што се снимаше кај нас ја претставува сцената што во филмот се случува во еден париски театар. Потоа, во филмот учествуваа актери, балерини, танчари, кореограф. Сè на сè, над 1.000 луѓе од нашата земја беа вклучени во овој проект“, велат од продукцијата.

Се очекува снимањето на филмот да заврши до крајот на годинава.