Вести, забава, спорт...

СКАЈ ИНТЕРВЈУ СО САША БОГДАНОВИЌ: Ќе го вратиме зеленилото во центарот на Скопје!

Интервју на СКАЈ со кандидатот за градоначалник на Општина Центар од редовите на СДСМ, Саша Богдановиќ:

СКАЈ: Почитуван господине Богдановиќ, пред се би сакал да Ви се заблагодарам за одвоеното време да одговорите на неколку прашања. Вие сте кандидат за градоначалник на најурбаната општина во Скопје, општина Центар. Тоа е, пред се голема одговорност, а за оваа позиција сте кандитиран по Вашето четири годишно искуство како директор на јавното претпријатие за јавни паркиралишта, „Паркинзи“ на Општина Центар, формирано токму од оваа општина. Кои се Вашите планови во поглед на паркиралиштата? Дали имате во план да го зголемите капацитетот на паркиралишта во Центар?

САША БОГДАНОВИЌ: Ви благодарам и на Вас за Вашата покана. Како директор на „Паркинзи“ на Општина Центар, за овие четири години одблизу и директно бев запознает со проблемите кои жителите на Општина Центар ги имаат паркиралиштата во поглед на нивниот неограничен капацитет. До сега, изградбата на монтажни катни гаражи на две локации, во Капиштец и Буњаковец, се покажа како ефикасна, па оттаму, ќе продолжиме со изградба на монтажни катни гаражи и други современи начини преку кои ќе го зголемиме капацитетот на истите

 

СКАЈ: Господине Богдановиќ, Општина Центар, како и градот Скопје, се едни од најзагадените, и во рамки на нашата држава но и на европско ниво. Од страна на претходната централна власт се вршеше масовно уништување на зеленилото. Дали планирате да го вратите зеленилото во центарот на Скопје?

САША БОГДАНОВИЌ: Во моментов во центарот на градот преовладува асфалтот и бетонот. Поради тоа, сакаме да продолжиме со практицирањето на изградба на „маалски паркови“ и да ги зазеленуваме сите слободни површини. Дополнително, сакаме да воведеме и т.н. „вертикални градини“ на слободните ѕидови на станбените згради, метод кој ќе допринесе за прочистување на воздухот но и воедно естетски ќе изгледа мошне убаво. Со цел да го намалиме загадувањето, планираме и поставување на „Кула за прочистување на смог“, патентиран револуционерен проект кој докажано го прочистува воздухот за 70 до 75%.

 

СКАЈ: Многу малку до сега беше објавено за проектот „Скопје 2014“. Планирате ли објавување на документацијата позади која е скриен криминалот во врска со овој проект?

САША БОГДАНОВИЌ: И покрај тоа што проектот „Скопје 2014 е целосно реализиран, Општина Центар сè уште може да направи многу повеќе во однос на ова чувствително прашање, кое досега никогаш не е докрај расчистено. Поради тоа, ќе спроведеме функционална ревизија врз начинот на реализација на спорните и секогаш интересни детални урбанистички планови што овозможија „Скопје 2014“ да биде најпознат архитектонски феномен во регионот. Поради тоа што се работи за проект од јавен интерес, Општина Центар ќе ја објави целата документација за „Скопје 2014“.

 

СКАЈ: Велите дека создадовте програма во која секој може да се пронајде. Што е планирано за најмладите, децата на предучилишна возраст и учениците?

САША БОГДАНОВИЌ: Освен довршувањето на изградбата на новото основно училиште во Капиштец кое ќе биде најсовремено основно училиште на овие простори, ќе ги реконструираме и модернизираме и другите основни училишта на територија на Општина Центар, се со цел да овозможиме квалитетно образование на најмладите. Нема да ги изоставиме ниту детските градинки – ќе ги реконструираме постоечките но и ќе изградиме нова детска градинка која ќе биде лоцирана во Маџир Маало.

 

СКАЈ: Дали ќе продолжите со проектот „Цел Центар на точак“ и со субвенции на секој жител кој ќе купи велосипед?

САША БОГДАНОВИЌ: Во насока на зголемување на свеста за заштита на животната средина, но и нашата цел да ги ослободиме тротоарите од паркираните возила и да им ги вратиме на пешаците и велосипедистите, ќе го продолжиме и веќезапочнатиот проект „Цел Центар на точак“ за субвенционирање на велосипеди. Овој проект ќе го прошириме и со субвенционирање на сите оние кои ќе купат електромобил или електроскутер.

СКАЈ: Кои мерки ќе ги превземете со цел да им пружите помош на социјално загрозените категории на граѓани?

САША БОГДАНОВИЌ: По примерот на други општини во светот, како и во Република Македонија, и Општина Центар ќе добие Банка за храна. Ова значи дека сите заинтересирани производители и дистибутери на храна и на прехранбени производи ќе донираат дел од својот асортиман и тој ќе им биде наменет на оние на кои им е најпотребно. Општина Центар ќе обезбеди посебен простор за потребите на Банката за храна и ќе води евиденција за континуирано прифаќање, распоредување и дистрибутирање на храната. На овој начин, ќе влијаеме врз намалувањето на гладот и на сиромаштијата на социјално исклучените и на сиромашните семејства и поединци на територијата на Општина Центар.

 

СКАЈ: Господине Богдановиќ, Ви благодарам на одвоеното време и Ви посакувам многу среќа на престојните локални избори. Ми беше задоволство.

САША БОГДАНОВИЌ: Задоволството е мое. Ви благодарам и на Вас