Вести, забава, спорт...

СКАЈ ИНТЕРВЈУ СО БОРИС ГЕОРГИЕВСКИ: Од Гази Баба ќе создадеме урбана, модерна и современа општина!

Интервју со Г-дин Борис Георгиевски, кандидат за Градоначалник на Општина Гази Баба од редовите на владеачката партија СДСМ.

СKAJ: Г-дине Георгиевски Општина Гази Баба веќе 21 година има Градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ, а СДСМ досега ниту еднаш немала своја кандидат за Градоначалник, туку секогаш бил поддржуван кандидат од друга партија, како дел од коалиција. Овој факт го наметнува првото прашање – Кој беше мотивот да се кандидирате за Градоначалник на Општина Гази Баба?

БОРИС ГЕОРГИЕВСКИ: Роден сум во Гази Баба, поточно од село Виниче и морам да забележам дека навистина сум загрижен за иднината на нашата Општина. 21 година е долг временски период во кој општината оди во надолна линија. Не би сакал да ја споменам поплавата која се случи во 2016 година, но мора да забележам дека главен фактор за катастрофалните последици е човечкиот фактор, односно неодржување на каналите за одводнување од страна на Општината. Општината воопшто не се грижи за создавање на елементарни услови за живот на граѓаните, па така денес и во 21 век, Општина Гази Баба сеуште има населени места каде нема стабилно водоснабдување и неселени места каде нема ниту фекална ниту атмосферска канализација. Граѓаните на Општина Гази Баба се третирани како граѓани од втор ред. Сето тоа мора да се смени! Лесно е да седиме дома и да критикуваме дека ништо не е направено. Јас сум човек од акција, верувам во себе и верувам во мојот тим и затоа ја прифатив честа да бидам првиот кандидат за градоначалник од редовите на СДСМ.

 

СКАЈ: Што е тоа што ќе го препознаат граѓаните на Општина Гази Баба во Вашата програма?

БОРИС ГЕОРГИЕВСКИ: Изборната програма на Социјалдемократскиот Сојуз, а со тоа и мојата изборна програма, за овие локални избори се базира на четири основни столбови. Тоа се:

Градиме по план – инфраструктура за сите, што значи дека ќе градиме одговорно, квалитетно и домаќински за секој граѓанин да добие решение кое ќе му го подобри животот во неговата средина,

Чиста вода и чист воздух – клучни за здравјето на граѓаните се чистиот воздух и здравата вода, затоа се обврзавме постојано и навремено да ги чистиме депониите и каналите, да вложуваме во колектроскиот систем и пречистителни станици, зголемување на зелените површини,

Повеќе пари за граѓаните – граѓаните веќе се запознати со покачувањето на минималната плата, а тоа е само еден дел од спиралата која носи повеќе пари за граѓаните. Бизнис заедницата ќе биде активно вклучена во политиките на локалната власт, така што општината, бизнис заедницата и граѓаните ќе одлучуваат за сите прашања од локално значење а со тоа и до можноста за отварање на нови работни места.

Отворена и услужна општина – новата локална власт ќе биде отворена за граѓаните и ќе нуди квалитетна услуга за сите граѓани. Ќе воведеме електронски систем на услуги и мобилни канцеларии во секое населено место. Граѓаните ќе бдат вклучени во работата на Советот на Општината и еден ден неделно ќе биде резервиран за средби со граѓаните.

Ова се четирите столбови преку кои се осмислени и сите проекти во програмата 2017-2021 година.

 

СКАЈ: Тоа не води кон нашето следно прашање. Што би издвоиле посебно од Вашата програма за периодот 2017 -2021 година?

БОРИС ГЕОРГИЕВСКИ: Изградба на секундарна и терциерна гасоводна мрежа. Процесот на гасификација на Гази Баба е заборавен од страна на досегашната локална власт, иако користењето на гасот како енергенс има јамалку две придобивки, а тоа се – намалување на трошоците за секое домаќинство и намалување на загаденоста. Покрај тоа што ќе го изградиме училиштето „Вера Јоциќ“ во населбата Хиподром, кое ќе биде современо училиште со капацитет за 550 ученици, планираме да ги реновираме сите училишта и градинки на територијата на Општина Гази Баба. Планирана е изградба на две нови градинки во с.Стајковци и с.Синѓелиќ како и реновирање на сите градинки и по потреба зголемување на капацитетот на некои од нив. Планирана е изградба на Поликлиника во населба Автокоманда на местото на постојната амбуланта на ул.Бапчор која е стара и руинирана и не е безбедна за давање на услуги на здравствена заштита. Автобуската станица позната како последна 45-ка ќе биде преместена и со тоа на местото на постојната постројка ќе биде партерно уредена и ќе добиеме мал плоштад, а последната 45-ка ќе биде преместена во с.Синѓелиќ така што ќе го покриеме каналот и не само што граѓаните ќе добијат автобус поблиску до своите домови, туку овој простор ќе биде искористен за мал плоштад кој ќе биде место за средби и дружење на граѓаните. Во програмата се опфатени и изградба на велосипедска и пешачка патека на левата страна на р.Вардар на потегот од мостот „Близнаци“ до с.Идризово, нови спортски терени, игралишта и нова спортска сала во Автокоманда, како и изградба на базен во СРЦ Хиподром. Генерално, во мојот мандат ќе сторам се за да ги подобрам условите за живот на граѓаните на Општина Гази Баба, а овде изнесов само дел од проектите кои ќе доведат до тоа.

 

СКАЈ: Г-дине Георгиевски, Вие сте познат меѓу граѓаните на Општина Гази Баба како чесен човек кој им помага на луѓето. Како Вие се гледате себеси во функцијата Градоначалник, дали ќе го задржите тој епитет?

БОРИС ГЕОРГИЕВСКИ: Пред се благодарам на убавите зборови. Народот кажал – фалбата е р’ѓа. Затоа јас ќе се направам се за мене да зборуваат моите дела. Во Гази Баба не чека многу работа. Мораме да се посветиме на реализација на бројни проекти предвидени со нашата програма, преку која очекувам граѓаните да препознаат квалитетен живот.

 

СКАЈ: За крај, што би им порачале на граѓаните?

БОРИС ГЕОРГИЕВСКИ: Граѓаните знаат да препознаат квалитет. Затоа верувам дека на изборите на 15-ти Октомври ќе ја подржат мојата кандидатура, а со тоа ќе ги отворат и перспективите за создавање на урбана, модерна и современа Општина. Јас таква ја гледам Општина Гази Баба и заедно со Ваша поддршка Општина Гази Баба ќе стане таква! Да не дозволиме стрелките на часовникот да продолжат да вртат назад! Заслужуваме подобар живот и заедно треба да се избориме за тоа.