Вести, забава, спорт...

Бројот на баратели на азил во Германија ќе биде ограничен на 200.000 годишно

Бројот на лицата што бараат азил во Германија ќе биде ограничен на 200.000 годишно. Ова е договорот што го постигна Христијанско-демократската унија на германската канцеларка Ангела Меркел по десетчасовните преговори зад затворени врати со своите сојузници од Христијанско-социјалната унија на Баварија. Со тоа се отстранети пречките за коалициски преговори со другите партии.

Постигната е согласност, според која, нето-доселувањето од хуманитарни причини годишно не треба да надминува 200.000 луѓе. Меѓутоа, во усвоениот текст не се споменува поимот горна граница. „Целта ни е да постигнеме вкупниот број прифатени лица од хуманитарни причини (бегалци и баратели на азил, супсидијарно заштитени, како и лица дојдени по основ на спојување на семејства, а земајќи ги предвид и оние што доброволно заминуваат од земјата или се депортирани, да не надминува 200.000 луѓе годишно“, се наведува во договорот.

Промени се предвидени и во третманот на мигрантите. Дојдените баратели на азил според плановите на партиите од Унијата треба да бидат сместувани во т.н. центри за одлучување и депортација, за кои како урнек треба да служат соодветните центри што веќе постојат во баварските градови Манхинг и Бамберг, како и во баден-виртенмбершкиот град Хајделберг. Барателите на азил, до донесувањето на одлуката дали тој ќе им биде одобрен, ќе треба да останат во тие центри.