Вести, забава, спорт...

Хрватска би можела да го воведе еврото до 2022 година

Хрватската народна банка подготви стратегија за воведување на еврото, која содржи анализа на придобивките и можните ризици од пристапувањето во еврозоната.

Стратегијата ќе биде објавена на крајот на овој месец, објави „Вечерни лист“.

Премиерот Андреј Пленковиќ, веќе изјави дека се залага за воведување на еврото по што би можело да следува официјално барање за влез на Хрватска во Европскиот механизам на девизниот курс (ERM II).

Последен пат одлука за влез на некоја земја во Европскиот механизам на девизниот курс е донесена во 2005 година, и тоа за Словачка. Овој механизам е предворје низ кое кандидатот мора да помине пред да добие зелено светло за влез во еврозоната.

Секоја земја што ќе стане членка на Европската Унија законски мора да го воведе еврото како официјална валута, но не постои рок во кој мора да го направи тоа. Исто така, преземањето на заедничката европска валута не е еднострана одлука.

Доколку Хрватска побара влез во Европскиот механизам на девизниот курс, односно ја убеди Европската комисија дека го контролира јавниот долг и дека ќе го спушти кон границата од 60 отсто во разумен рок, се смета дека еврото би можело да стане официјална валута во оваа земја најрано во 2022 или 2023 година.

(Макфакс)