Вести, забава, спорт...

„Визер“ превезол најмногу патници, Истанбул најфреквентна дестинација од Скопје

1,6 милион патници патувале преку двата македонски аеродрома – скопскиот аеродром „Александар Велики“ и охридскиот „Св. апостол Павле“, во првите 9 месеци од оваа година, што претставува годишен пораст од 12 отсто во споредба со истиот период во 2016 година, известуваат од „ТАВ Македонија“. Двата аеродрома од јануари до септември 2017 година опслужиле 13.752 лета, што е зголемување од 6 отсто на годишно ниво.
– Порастот на патничкиот сообраќај продолжи и во 2017 година, иако во првата половина од годината имавме релативно помал пораст, но по воведувањето на четирите линии од скопскиот аеродром и новите сезонски летови од охридскиот аеродром во втората половина од годината, повторно забележавме двоцифрени бројки во порастот на бројот на патници. Очекуваме да ја завршиме годинава со солиден пораст на вкупниот број патници. Како аеродромски оператор „ТАВ Македонија“ и натаму ќе ги промовира скопскиот и охридскиот аеродром кај авиокомпаниите и тур-операторите со цел да овозможи нови дестинации и нови авиолинии за нашите патници. Некои од неодамнешните маркетинг-активности беа присутни на маркетинг-одделот на аеродромите на ТАВ на форумот World Routes во Барселона на крајот од септември, а изминатава недела бевме домаќини на група италијански новинари при нивната туристичка посета на Македонија, што треба да резултира со промоција на Македонија како туристичка дестинација на италијанскиот пазар, –изјави Алпер Ерсој, генерален директор на „ТАВ Македонија“.
Според статистиките на ТАВ за патничкиот сообраќај во првите 9 месеци, најфреквентната дестинација од скопскиот аеродром е Истанбул, а потоа следуваат Цирих, Виена,Базел, Малме и Лондон.

Во однос на уделот на авиокомпаниите во патничкиот сообраќај, „Визер“ има превезено најголем број од патниците со 57,5 отсто пазарен удел, а потоа следуваат „Туркиш ерлајнс“ (8,5 отсто), „Австрија ерлајнс“ (6,8 отсто), „Германија флаг“ (5,1 отсто) и „Пегасус ерлајнс“ (4,5 отсто).

7 август, понеделник, беше најфреквентниот ден на аеродромот во Скопје во овој период од 9 месеци кога 8.283 патници беа превезени со 98 лета.

Оваа година 5 нови дестинации беа воведени од аеродромот во Скопје. Во април почна да сообраќа новата линија до Будимпешта, а во текот на јули беа воведени линиите до Рим, Малта, Ваксјо и Доха. Паралелно со ова „Визер“ го постави четвртото летало во базата на скопскиот аеродром, а авиокомпанијата „Катар ервејс“ како нов бренд влезе на македонскиот пазар. На аеродромот во Охрид,беше воведена новата дестинација Катовице, со што Полска се отвори како нов пазар за патници во доаѓање.

„ТАВ Македонија“ со поддршката од одделот за маркетинг на „Аеродроми ТАВ“ од Истанбул ќе продолжи да ги промовира македонските аеродроми и Македонија како туристичка дестинација на сите релевантни светски конференции и саеми за авијација и туризам, со цел да привлече нови авиокомпании и нови тур-оператори да влезат на македонскиот пазар, а во исто време да ги убеди веќе постојните да ги прошират своите дестинации и фреквенциите од Скопје и од Охрид.