Вести, забава, спорт...

Горан Марковиќ: Во филмовите на Вуди Ален сите играат како него

За актерската игра на филм, особено онаа во крупен план, шармантно и прецизно пладнево во Кинотеката во рамките на филмскиот фестивал „Киненова“ зборуваше режисерот Горан Марковиќ. Како потписник на многубројни значајни филмски остварувања во поранешната југословенска и српска кинематографија и син на големите актерски имиња Оливера и Раде Марковиќ, режисерот пред љубителите на филмската уметност со големо задоволство пренесе дел од своето обемно искуство.

Човекот чии филмови „Вариола вера“, „Веќе видено“, „Оптимисти“ и многу други длабоко се вовлекуваат во меморијата на гледачот и во кои доминира морбидна емоција карактеристична за хорор и трилер-филмот и си поигрува со мрачни психолошки мотиви, смета дека во работата со актерите најважно е да се биде транспарентен.

 

„Режисерот не треба да му каже на актерот како нешто да одигра, туку како не треба. Во самите подготовки речиси сѐ е расчистено, па кога се случува самото снимање, актерот е всушност пред камерата и пред режисерот ставен пред публиката. Според мене, најважна е емоцијата што некој се обидува да ја скрие. Таа се насетува, надвор од таа игра, која е клише – тага, радост, ужас. Трпението и почитта кон актерот од страна на режисерот е исто така многу значајна“.

Имал разни искуства со разни актери. Во филмот „Веќе видено“, каде што првпат на филм се појавува Аница Добра, но и веќе искусниот Мустафа Надаревиќ, Марковиќ морал да применува различен пристап.

„Во ‘Веќе видено’, Добра имаше потреба да ги вежба репликите и по 15 пати, а Надаревиќ сакаше да ги снима од првпат. Тогаш како режисер морав да бидам и партнер за вежбање на актерката пред тие двајцата да се спојат за снимање на сцената. Големото искуство ми покажало дека секој актер може сам да ја креира улогата откако добро ќе се договори со режисерот. Сепак, секогаш најважна е велам онаа емоција што секој се обидува да ја скрие. Практично, гледачот е тој што минува низ сцените, се препознава и на некој начин тој треба да се чувствува како креатор на филмот. Тоа е тешка задача за режисерот“.

 

Актерите ставени во крупен план, според Марковиќ, се ставаат само ако нема некоја јасна емоција.

„Сметам дека е глупаво ако некој треба да одигра тага од лична трагична загуба на пример, неговите солзи да бидат снимени во крупен план. Истото важи и за секоја друга јасна емотивна состојба. Овие кадри во крупен план се применуваат повеќе за т.н. празни емоции. во кои преку очите на актерот треба да се доближи некоја негова скриена мисла. Не ги сакам оние режисери што на актерите им кажуваат како треба да играат. Во филмовите на Вуди Ален речиси сите играат како него и всушност гледате десетина лика, а сите се Ален“.

Марковиќ работилницата ја одржа во рамките на филмскиот фестивал „Киненова“ каде што и преседава со жирито што ќе ги додели годинашните награди. (А.В)

(Макфакс)