Вести, забава, спорт...

Промоција на книгата „Културна дипломатија: уметноста, фестивалите и геополитиката“

Во киното „Култура“ в четврток, 12 октомври, со почеток во 20.45 ќе се одржи промоцијата на книгата „Културна дипломатија: уметноста, фестивалите и геополитиката“.

Книгата ја уреди Милена Драгичевиќ-Шешиќ. На промоцијата ќе учествуваат: Роберт Алаѓозовски, министер за култура, Милена Драгичевиќ-Шешиќ, шеф на одделот на УНЕСКО за интеркултурализам, менаџмент во уметноста и посредување, Лилјана Рогач-Мијатовиќ од Факултетот за драмски уметности во Белград, која е и коуредник и коавтор во книгата, и Билјана Тануровска-Ќулавковски од „Локомотива“, една од авторките на поглавје во книгата.

Книгата „Културна дипломатија: уметноста, фестивалите и геополитиката“, во издание на бирото на „Креативна Европа – Србија“ и на Факултетот за драмски уметности во Белград, нуди сеопфатен увид во историските и современите аспекти на меѓукултурните средби и културната размена земајќи го „Битеф“ како почетна точка за размислување, во однос на улогата на фестивалот во контекст на културна дипломатија и геополитика.

Според издавачот, книгата „Културна дипломатија: уметноста, фестивалите и геополитиката“ претставува оригинален придонес не само за проучување на културата и на фестивалите туку и за практичните аспекти на културната политика, па е од значење за стручната и пошироката јавност.

(Макфакс)