Вести, забава, спорт...

(ВИДЕО) Заев попладнево излезе со јасна и концизна порака!

Сега е време, после сите последни премрежија и искушенија, да направиме од нашата држава дом за сите. Сите наши деца да ја видат како своја сопствена дестинација. Должни сме да им дадеме доволно причини да си го видат своето, сопствено место во домот Република Македонија, рече претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, на денешниот централен настан на одбележување на 11 Октомври – Денот на народното востание, во дворот на Владата, пред Споменикот на ослободителите на град Скопје, на кој повеќе делегации положија цвеќе.

„Сега е време да им докажеме на последните скептици дека Република Македонија како дом на слободата на сите нејзини граѓани, е новата ѕвезда во европското соѕвездие. Дека го заслужуваме тоа место.

Затоа мораме да продолжиме, одлучно и храбро, и да исчекориме во решавање на последните отворени прашања за нашата држава во освојувањето на нашата стратегиска цел во оваа фаза од нашата историја – побогато општество и повеќе можности за сите, членството во НАТО, а потоа и членството во Европската Унија.

Велам: во оваа фаза од нашата историја, зашто тоа не е последната цел. Нашата цел, целта на оваа генерација, всушност, нема крај. Зашто освојувањето на слободата, како и чувањето на мирот, никогаш не завршуваат.

Празнувањето на големите датуми, оддавањето чест на сите наши претходници вградени во државноста и во слободата на Република Македонија, е само еден дел од нашата должност кон нашето достојно минато.

Но, патриотизмот не завршува тука. Нашиот патриотизам, идните генерации ќе го слават само ако им дадеме повеќе причини за тоа. Како што нам, причини за славје ни даде генерацијата на партизаните од антифашистичката и народноослободителната борба.

Нека ни е честит 11 Октомври, Денот на востанието на Македонија, да живее Слободна Македонија!“, рече премиерот Заев на крајот од своето обраќање по повод Денот на народното востание.