Вести, забава, спорт...

Парламентарното мнозинство поднесе предлог-закон за урбано зеленило

Пратеничките и пратениците од парламентарното мнозинство Лилјана Поповска, Маја Морачанин, Петар Шилегов, Стефан Богоев, Диме Велковски,Благоја Бочварски и Ејуп Алими денеска поднесоа предлог-закон за урбано зеленило до Собранието.

Со овој закон, велат тие, ќе се воведе целосен систем за планирање, проектирање, подигање, одржување, заштита, реконструкција, финансирање и управување со зеленилото.

Во предлог-законот стои обврска за изработка на зелен катастар на сите урбани површини, односно попис на целото зеленило по број, вид и состојба. Внесен е стандардот од 25 м2 по жител зелена површина на ниво на град, како и задолжителен процент зеленило на градежна парцела од најмалку 20%.

Во веќе изградените блокови ќе се прави компензација со поставување дрвореди и зеленило во жардиниери, на покриви и фасади. Предвидена е строга заштита на постојното зеленило, особено на капиталните примероци, независно од видот на сопственоста.

„Предлог-законот за урбано зеленило ДОМ досега го поднесуваше трипати во Собранието, но наместо закон за реална заштита на зеленилото, претходното парламентарно мнозинство донесе т.н. ‘Закон за зеленило’, кој е само декларативен и без нормативи и мерки за заштита на зелените површини“, велат од оваа партија.