Вести, забава, спорт...

Се ситни опозициската коалиција – им замина еден пратеник!?

Се намалува бројот на пратеници во опозициската коалиција предводена од ВМРО-ДПМНЕ: Чедомир Саздовски ги напушта редовите на ГРОМ и станува независен пратеник, објави денес телевизија Телма.

Оваа неофицијална информација брзо се прошири во политичките кругови. Саздовски, еден од двајцата пратеници од ГРОМ, не одговара ниту потврдно, ниту негативно. Потпретседателот на партијата, Љупчо Пренџов, вели дека прв пат слуша за ваква можност, а во Собранието сеуште нема официјално известување до службите за некакви промени во составот на пратеничките групи.

Името на Саздовски често се споменува во партиските комбинаторики. До пред неколку години, беше член на СДСМ, но ја напушти во 2013 година, токму за последните локални избори, кога изрази несогласување со ставот да не се учествува на локалните избори. Прво настапи со Социјал-демократската унија, а потоа му се придружи на Стевчо Јакимовски во формирањето на ГРОМ. Важи за еден од неговите најблиски соработници, а сега е заменик координатор на шестата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“.

Но, не е прв пат да се шпекулира дека Саздовски не се согласува целосно со политиките на опозициската коалиција. Доколку тој ја напушти, ќе се изедначат политичките сили во Собранието: ВМРО-ДПМНЕ ќе има 50 пратеници, а владеачките партии – исто толку. Во Собранието веќе има 5 независни пратеници кои ги поддржуваат политиките на владеачките партии.

(извор: Макфакс)