Вести, забава, спорт...

Владата и „Југохром“ се договорија за рестартирање на комбинатот

Кочо Анѓушев, вицепремиерот за економски прашања, во име на Владата, управителот на „Југохром Алзар“, Васко Скендеровски, и претседателот на синдикалната организација на „Југохром Алзар“, Бајрам Алити, денес го потпишаа меморандумот за разбирање помеѓу трите засегнати страни.

Со овој меморандум ќе се придонесе кон изнаоѓање решение за надминување на состојбата на работењето на фабриката „Југохром Алзар“ од Јегуновце, односно набавување А-интегрирана еколошка дозвола, повторно започнување со работа на фабриката, како и враќање на работниците на работа.

Вицепремиерот Анѓушев истакна дека со овој меморандум се обезбедува правна рамка, со која на инвеститорот, работниците, еколошкитe здруженија и на граѓаните во Полошкиот Регион им се дава извесност и сигурност за иднината на оваа многу важна фабрика од металуршката индустрија.

„Со овој меморандум секоја од страните се обврзува дека ќе ги заврши сопствените задачи во најкраток можен рок. На инвеститорот му е дадена сигурност дека ако ги направи планираните инвестиции, Владата ќе ги заврши сите правни процедури за да се овозможи започнување на работата на комбинатот во најкраток можен рок. Работниците ќе се вратат на своите работни места, а со изградба на современиот систем за отпрашување ќе се задоволат сите еколошки стандарди, со што ќе се задоволат и барањата од еколошките здруженија, но и од граѓаните на регионот“, потенцира вицепремиерот.

Вицепремиерот уверува дека додека не се заврши системот за отпрашување, фабриката нема да добие дозвола за работа.

Вработените од „Југохром“ моментно се водат како невработени лица во Агенцијата за вработување на Република Македонија и очекуваат дека со потпишувањето на меморандумот за разбирање е направен еден чекор кон решавање на проблемите на фабриката и дека вработените набргу би се вратиле на работа.

„Синдикатот на вработените во фабриката правеше и ќе продолжи со притисоци и кон менаџментот и кон Владата, со цел работниците да се вратат на своите работни места. Очекуваме системот на отпрашување да се изгради во предвидената динамика, вработените да се вратат на своите работни места и да бидат исполнети еколошките стандарди за фабриката да почне со работа“, истакна претседателот на синдикатот на вработените во „Југохром“, Бајрам Алити.

Добивањето на А-интегрираната еколошка дозвола за работа е главниот услов за продолжување со производство и работа на „Југохром Алзар“ и додека целиот процес за добивање на дозволата не заврши, фабриката ќе биде во мирување.