Вести, забава, спорт...

ВМРО-ДПМНЕ ќе поставува „народни стражи“

ВМРО-ДПМНЕ денеска најави дека ќе постави „народни стражи кои ќе бидат гарант за демократијата и граѓанската волја“, поради, како што велат, отсуството на реакција од страна на државните институции.

Спиро Ристовски, претседател на републичкиот изборен штаб на ВМРО-ДПМНЕ, на прес-конференција рече дека тимови од ВМРО-ДПМНЕ ќе бидат на терен и ќе ги документираат сите нарушувања и прекршувања на изборниот процес.

– За време на изборната кампања се случија сериозни нарушувања и опструкции на изборниот процес, фрлајќи темна дамка на демократскиот амбиент, кој е важен за спроведување на изборите. Сите овие нерегуларности говорат дека СДС е во огромна нервоза, свесни дека не може да ја променат волјата на народот. Ова се чекори на очајни луѓе и на луѓе во паника. Порачуваме дека со сите нерегуларности, со сите нарушувања и прекршувања на изборниот процес, сепак убедливо ќе бидат поразени и нема да успеат да ја променат и да ја победат волјата на граѓаните. Граѓаните на 15 октомври ќе ја испорачаат последната порака дека време е за новата ера. А за сето ова што го прават, порано или подоцна ќе има одговорност и ниеден нема да биде поштеден, за сите нарушувања и прекршувања на изборниот законик – рече Ристовски.

Тој додаде дека загрижувачки се информациите за нарушувања на изборните правила, поткупувања, злоупотреба на државни институции, како и за активно мешање на државни ресурси за партиски цели.

Упати апел од граѓаните да не подлегнуваат на сценариото на СДСМ, кое, според ВМРО-ДПМНЕ, е производ на страв и на нервоза од поразот на претстојните избори.

Извор: Мета.мк