Вести, забава, спорт...

Карпош, Ѓорче Петров и Гази Баба загадени од палењето отпад на отворено и огревот во домаќинствата

Палење отпад на отворено и неконтролирано користење несоодветни горива во домаќинствата и во индустриски инсталации од помал капацитет се главни причинители за загадувањето на воздухот во Карпош, Ѓорче Петров и Гази Баба.

Ова било утврдено од страна на Државниот инспекторат за животна средина кој направи повеќе теренски контроли на територијата на овие скопски општини.

„Се направија ноќни обиколки по дојави на граѓани, при што се утврдија многубројни палења отпад на отворено, кои покрај загадувањето на воздухот, претставуваат и опасност за безбедноста на граѓаните. Загадувањето доаѓа и од неконтролирано користење несоодветни горива во индивидуалните куќи и во индустриски инсталации од помал капацитет, кои се под надлежност на локалната самоуправа“, соопшти Инспекторатот.

Теренските активности покажале дека постои недоволна усогласеност во дејствувањето на државниот и локалните инспекторати и тоа создава празнини и секојдневна непокриеност на голем број еколошки жешки точки.

„Тоа јасно покажа дека за да се обезбеди ефикасна заштита на здравјето и животната средина е потребно итно координирање на инспекциите за животна средина. Особено е алармантна состојбата во Скопје, каде што дејствуваат дури три нивоа на инспекторати (државен, градски и општински), а резултатот е незадоволителен“, велат од ДЖИЗС.

Од оваа причина, на 8 ноември ќе се одржи координативен состанок со кој ќе раководи заменик-министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули. На состанокот ќе присуствуваат претставници на повеќе институции надлежни за животната средина во Скопје – Министерството за животна средина и просторно планирање, Државниот инспекторат, градскиот и општинските инспекторати, како и сите скопски градоначалници, кои го иницираа истиот.(Макфакс)