Вести, забава, спорт...

Ќе се решава проблемот со недостигот на вода во Прилеп

Градоначалникот на Прилеп, Илија Јованоски, денеска оствари средба со директорот на ЈКП „Водовод и канализација“, Сашо Николоски, со цел изнаоѓање итно решение за кризата со водата, со која Прилеп се соочува последниот период.

„Последниве неколку недели недостасуваат доволни количества вода во Прилеп, тоа граѓаните го чувствуваат. Во мојата предизборна кампања ветив, и тоа ќе биде мојата прва заложба – решавање на овој проблем. Изворот ‘Студенчица’ е главен извор на вода за овој град. Вчера бев во посета на Републичко јавно претпријатие ‘Студенчица’ и од страна на директорот бев информиран дека издашноста на изворот е само 510 литри вода во секунда. Оваа е најмала издашност од постоењето на системот. Вложувам и ќе вложам максимални напори во иднина заедно со ЈКП „Водовод и канализација“, овие критични моменти да се надминат,домаќинствата да не останат без неопходните количества вода за пиење во своите домови. Во рамките на можностите, сепак да се обезбедат оптимални услови за подобрување на водоснабдувањето“, истакна градоначалникот Јованоски.

Јованоски додаде дека согласно хидролошката состојба во државата, единствен начин за подобрување на водоснабдувањето во Прилеп е ревидирање на распределбата на вода во системот „Студенчица“.

„Тоа е единственото ургентно решение во моментов и ако добро се менаџира можеме да очекуваме подобро водоснабдување во Прилеп. Ќе се заложам тоа да се спроведе. Има можност протокот за Прилеп да се зголеми за одреден процент. Се надевам дека во иднина, овој проблем ќе се реши и во Прилеп ќе доаѓаат барем 120 литри вода во секунда“, акцентираше градоначалникот Јованоски.

Директорот на на ЈКП „Водовод и Канализација“, Сашо Николоски, ја презентираше актуелната состојба на изворот „Студенчица“. Како што рече, во моментов за Прилеп доаѓаат околу 80 литри вода во секунда. Со количествата што се обезбедуваат од бунарите, вкупно на располагање на домаќинствата се околу 240 литри вода во секунда. Проблемот е особено изразен во викенди, кога има помал доток на вода од „Студенчица“, а потребите на граѓаните се поголеми.

„За викенд стигнуваат само 30 до 40 литри вода во секунда. Од наши извори имаме околу 150 литри. Во викенд потрошувачката кај граѓаните е зголемена од 360 до 400 литри во секунда, додека во работен ден потребни се 240 до 260 литри. Ги подготвуваме сите бунари, ја подготвуваме препумпната станица за висока зона. Според тоа доколку има потреба, а најверојатно ќе има, ќе бидат активирани и тие. Но, ова решение е за ублажување на ситуацијата, а во никој случај не можеме да зборуваме за целосно нормализирање на состојбата. Во моментов се активни околу 20 бунари“, рече Николоски, директор на на ЈКП „Водовод и Канализација“ – Прилеп.

Николоски потенцираше дека иако според договорот, направен пред повеќе години, 150 литри од „Студенчица“ треба да одат за ТЕЦ „Осломеј“, термоелектраната во оваа водена криза нема да биде ставена во погон.
Според водостопанската согласност 30% од количините на „Студенчица“ треба да добива Прилеп, но засега тие договорени количества не стигнуваат во градот. Николоски рече дека таа распределба не треба да остане само на хартија, туку и технички да се спроведе, затоа што Прилеп е последна станица на регионалниот водовод и треба да се надмине овој хендикеп.

„Мислиме дека и со овие 510 литри вода во секунда од ‘Студенчица’, ако добро се менаџира, и ако ние успееме да добиеме околу 120 литри вода во секунда во Прилеп водоснабдувањето ќе се нормализира. Се прават мали редукции за да се снабди со вода населбата Тризла. Но, тоа трае само еден до два часа. Тогаш се намалува притисокот на населбата Рид, за да добие вода населбата Тризла“, додаде Николоски.