Вести, забава, спорт...

Марин: Буџетот за животна средина ќе се зголеми за 20 пати

Градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин, нагласи дека со новиот Буџет на општината ќе издвои околу 300.000 евра за реализација на конкретни мерки за почист воздух, односно 20 пати повеќе од досегашните средства на годишно ниво за заштита на животната средина. Марин тоа го изјави за време на средбата со претставниците на „О2 Коалиција“ за чист воздух и претставници на други граѓански организации.

На средбата се дискутираа можностите за интервентни мерки, кои општината би ги преземала во насока на намалување на загадувањето.

Дел од претставниците на граѓанските здруженија, кои присуствуваа на средбата предложија неколку мерки, кои би дале резултати на краток рок во соработка со Градот Скопје, Министерството за животна средина и другите надлежни институции, меѓу кои инсталирање филтри на оџаците на индивидуалните куќи, искористување на сончевата енергија, подобрување на условите за користење јавен превоз, користење на нова генерација катализатори за моторни возила, кои ја намалуваат емисијата на штетни материи, да се зголеми ефикасноста на инспекциските служби, како и да се работи на зголемување на јавната свест.

Општина Аеродром сериозно ќе ги земе предвид сите предложени мерки од состанокот и ќе изготви конкретен краткорочен план, кој ќе биде достапен на јавноста, а во меѓувреме ќе се работи на трајно решавање на загадувањето.