Вести, забава, спорт...

Богдановиќ најави можност за поскапување на паркинг-билетот во Центар

Градоначалникот на општина Центар, Саша Богдановиќ, најави итни мерки за намалување на загадувањето, меѓу кои ја посочи и можноста за поскапување на паркинг-билетот во Општина Центар.

Од Општината информираат дека денеска на средба со в.д. директорот на ПОЦ, Вангел Андрески, била разгледувана можноста за зголемување на цената на паркинг-билетот, со цел, како што велат, да се стимулираат граѓаните да го користат јавниот градски превоз, со што значително би се намалило загадувањето. Оваа одлука нема да важи за жителите на Центар, кои и натаму ќе ги користат сите поволности, но и за и сите што работат во централното градско подрачје.

Богдановиќ најави и забрана за градење во овие месеци, вертикални зелени градини и кула за прочистување на воздухот.

„Податоците за загадување на воздухот што има последици врз здравјето, бараат итно преземање чекори за да се ублажи овој проблем. Во Општината се разработува и скенира состојбата со зеленилото, кое беше драстично намалено за поставување стиропорни згради и споменици од проектот „Скопје 2014“, вели градоначалникот Богдановиќ.

Се договара и ослободување на тротоарите од паркирани возила, а проектот кој ќе значи поголема безбедност ќе започне да се реализира на улицата Орце Николов во Дебар Маало.