Вести, забава, спорт...

Драмата „Фадо“ и детската авантура „Рафи“ со симултана проекција на „Синедејс“

Дистрибутерската куќа „Катавеј“ во соработка со фестивалот „Синедејс“ во киното „Фросина“ организира проекција на два филма, и тоа германско-португалската копродукција „Фадо“ утре во 17 часот и детскиот филм „Рафи“ в сабота во 11 часот.

За утрешната проекција на „Фадо“ организаторите ги канат посетителите со звуците на фадо-музиката и вино, а топлата фестивалска атмосфера на „Синедејс“ дополнително ќе ги опушти во овој ладен ноември. Во филмот се зборува на германски, англиски и на португалски јазик, а е преведен на македонски. Трае 101 минута. Улогите ги толкуваат: Голо Ојлер, Луис Хејер, Албано Џеронимо.

Сите оние што не можат да стигнат на настанот, ќе имаат можност филмот да го гледаат од 17 часот истовремено во удобноста на своите домови со регистрација на платформата Cinesquare.net. Филмот истовремено ќе се прикажува и на Интернационалниот филмски фестивал во Тирана.

Во сабота, пак, се организира семејно филмско будење од 11 часот со проекција на детскиот „Рафи“ – авантура за потрагата на едно детенце чие милениче ќе се загуби. Филмот е во режија на Аренд Агте, а направен според книгата „Спасете го Рафи“ од Бетина Камперфер и Аренд Агте, двајцата детски психолози. Сите што ќе останат дома, ќе имаат можност да го гледаат филмот истовремено од истиот термин од 11 часот преку платформата Cinesquare.net.

Станува збор за нова фестивалска шема за прикажување филмови со симултана проекција на два фестивала истовремено и на онлајн-платформата Cinesquare.net. Овој модел подразбира дека еден филм ќе биде прикажан истовремено во еден единствен ден и еден единствен час на одреден/и фестивал/и на Video on Demand-платформа. „Катавеј“ втор пат пред јавноста и претставува ваков нов иновативен дистрибутивен модел наречен festival to date откако лани го прикажавме холандскиот филм „Чисти раце“ истовремено на „Синедејс“ на Меѓународниот филмски фестивал во Тирана и на Cinesquare.net.

Овој експериментален модел треба да создаде клима за проширување на потенцијалната публика за европски филмови. Исто така, новиот пристап може да им послужи на фестивалите како дополнителна маркетинг-алатка за да допрат до што поширок круг на публика.

Реализацијата на овој модел е дел од проектот на „Катавеј“ за нови дигитални форми за дистрибуција на филмот на Балканот, кој втора година по ред ја добива поддршката од програмата „Медија“ на „Креативна Европа“, специјализирана за развој, дистрибуција и промоција на филмот и аудиовизуелната дејност во Европа. Како дел од минатогодишниот проект беше и проекцијата на детскиот сихнронизиран филм „Малиот гангстер“, кој го видоа повеќе од 10.000 деца од целата земја.

(Макфакс)