Вести, забава, спорт...

Јавни расправи за предлог-стратегијата во културата во повеќе градови во Македонија

Министерството за култура на Република Македонија, во партнерство со граѓанските здруженија „Култ-Транзен“ и „Јадро“, организира повеќе јавни расправи во градовите во земјава по предлог-стратегијата во културата 2018-2022. „Култ-Транзен“ го реализира циклусот дебати со цел децентрализација на расправата по стратегијата со поддршка од проектот на УСАИД за граѓанско учество, а „Јадро“ за оваа цел е помогната од Фондацијата „Отворено општество Македонија“.

Дебатите се организираат во соработка со граѓански здруженија од самите градови, а на нив учествуваат и претставници од Министерството за култура, од работната група за стратегијата, од Советот за култура, од локалната самоуправа, како и претставници на локалната независна сцена, граѓанските здруженија и истакнати уметници и културни работници.

Циклусот јавни расправи по градовите започна во Струмица, по што следуваше Штип, а денес таква дебата се одржува во Битола.

Следен термин за јавна расправа по предлог-стратегијата во културата 2018-2022, во организација на овие здруженија, е на 14 ноември во Куманово (Центар за култура – 13 часот), потоа 16 ноември во Велес (Ликовен салон – 11 часот), 17 септември – Тетово (Центар за култура -13 часот), 21 ноември во Прилеп (Центар за култура – 13 часот), на 23 ноември дебатата е во Охрид (хотел „Нова ривиера“ во 12 часот). Следуваат расправи во центрите на културата во Струга и Кавадарци, кои почнуваат во 13 часот. Во Струга е на 24 ноември, а во Кавадарци 29 ноември 2017.

Интензивната јавна расправа со сите засегнати страни ќе се одвива до конечното усвојување на стратегијата на крајот од оваа година.