Вести, забава, спорт...

Почина славниот готвач од кого учевме како се приготвува храната

Славниот телевизиски готвач Антонио Карлучо, благодарение на кој целиот свет се вљуби во италијанската кујна, почина на 80-годишна возраст.

Познатиот шеф се појавуваше во бројни телевизиски емисии за готвење вклучувајќи ја и „Двајца незаситни Италијанци“ во која партнер му беше Џенаро Конталдо.

Карлучо има напишано повеќе од десет книги за готвење, а во 2012 година објави и мемоари. Има свој синџир на ресторани.

Познатиот англиски готвач Џејми Оливер му оддаде почит на неговиот прв лондонски шеф имајќи предвид дека пред 25 години кариерата ја започнал во ресторан на Карлучо во Ковент гарден.

„Беше харизматичен, шармантен дон“, напишал Џејми на Инстаграм.

Карлучо е роден во северозападна Италија и работел како новинар во Торино, пред да се пресели во Виена, па во Германија и на крај во Лондон.

Кралицата Елизабета Втора во 2007 година го прогласи за витез поради неговиот придонес во индустријата на кетерингот. Италијанската влада му додели титула „Комендаторе“ што е еквивалент на британските витези.

Неговото мото беше „минимум компликации, максимум вкусови“.

(макфакс)