Вести, забава, спорт...

Промоција на поетската збирка „Таинства“ од Ирена Јурчева

Денеска, 9 ноември, во „Литературно кафе Метаноја“ („Максим Горки“ бр. 19) со почеток во 19 часот ќе се одржи промоција на поетската збирка „Таинства“ од Ирена Јурчева во издание на „Метаноја“.

Воведен збор ќе има директорката на „Метаноја“, Нада Милкова. Книгата ќе ја промовира Ефтим Клетников. Осврт од доживувањето на читањето на „Таинства“ ќе имаат Вера Стојчевска-Антиќ и Елена Пренџова. Стихови од збирката ќе чита Ена Абјаниќ. Промоцијата ќе биде збогатена со музички илустрации од Емилија Славковска.

Од рецензијата на Драги Михајловски:

Еве една збирка поезија со која може да се гордее и авторката, но и сите што ѝ припаѓаат на малата, но голема и неодминлива македонска култура. Младата Ирена Јурчева напишала збирка поезија што изненадува, восхитува и нè тера уште повеќе да веруваме во генерациското продолжение на македонската книжевност.

Јурчева е поетеса на својот мајчин македонски јазик што и тематски и изведбено ја изразува болката на Македонецот, и поединечната и колективната, за својата судбина и за судбината на македонскиот народ пикнат, заробен и загрозен од алчните канџи на соседите.

Збирката песни на Ирена Јурчева ме изненади, ме восхити и ме исполни со топлина и со радост. Талентот на Јурчева за пишување е неспорен.

Од рецензијата на Ефтим Клетников:

Пред нас е дебитантската стихотворба на Ирена Јурчева со романтичен наслов „Таинства“. Не тајни, кои кај оваа поетеса, ако може така да се рече, се опредметени во опипливи песни -таинства, даден им е жив егзистенцијален здив, плот и крв, оттргнувајќи ги од магливиот мистицизам карактеристичен пред сè за симболистите и за нивната етерична поетика.

Насетување, активирање на имагинацијата, емоција и зграпчување на мотивот, кој речиси молскавично се обликува во песна. Тоа е нашиот впечаток за поетската постапка или патека по која, како што би рекол Октавио Паз, однатре песната доаѓа на „белите брегови на хартијата“. Доаѓа за да ни зборува за скриеното како за „тајниот пат на светлината/кога се расејува од невидливото во видливото./Тајно како полноќна богос-лужба во катакомби скришни“. Да ни зборува за Создателот (Бог), но и за потсоздателот (Човекот).

Сè на сè, инвентивен поетски ракопис, кој ни дава показ дека неговиот автор уште на почетокот е втемелен во идентитет, во карактеристичен себесвојствен израз. Автор кој еднакво успешно се служи и со класичниот римуван римуван и слободниот стих. Тоа е израз на еден неповторен лиризам, на еден, како што веќе рековме, автентичен ракопис на битието.

(Макфакс)