Вести, забава, спорт...

Игри без маска: Фестивал од уникатен карактер, кој е единствен на Балканот

На 14, 15 и на 16 ноември ќе се одржи 4. меѓународен фестивал за лицата со и без хендикеп организиран од здружението на граѓани за промоција и развој на регионите „Свет на различни а еднакви“ од Скопје. Ова е единствен фестивал од ваков вид на Балканот и е тридневен настан проследен со другарување и размена на искуства.

На фестивалот ќе учествуваат аматерски актерски групи од Македонија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Србија, Косово, Хрватска и други. Во вторник и в среда, 14 и 15 ноември, фестивалот ќе се одржи во Драмскиот театар – Скопје и претставите ќе бидат од натпреварувачки карактер. В среда, 16 ноември, во Македонскиот народен театар – Скопје во ревијалниот дел ќе бидат свечено доделени награди. Фестивалот ќе го водат Ирена Спировска и Татјана Стојановска.

 

На 14 ноември преставите започнуваат во 11 часот и завршуваат во 15 часот, а на 15 ноември програмата ќе започне во 10.30 часот и ќе заврши во 14.30 часот. Ревијалниот дел и свеченото доделување на наградите во МНТ на 16 ноември ќе започне во 12 часот.

Овие активности имаат цел да ја зголемат инклузијата на лицата со инвалидност со други лица во културни активности, тие да ја имаат можноста полесно и активно да се вклучат во општеството и заедницата, да им се отворат портите за креативно изразување, да се негува нивниот потенцијал и да се унапреди нивниот квалитет на живеење.

Поддршката на овој фестивал создава повик за соживот и еднакви права и отвора можности што ќе ја направат различноста на сцената посебна за сите што ја сакаат магијата на театарот.

(Макфакс)