Вести, забава, спорт...

Музејот на Македонија учествува на изложбата „Жени, мајки и божици: универзални јазици и предисториска уметност“

Музејот на Македонија учествува на изложбата „Жени, мајки и божици: универзални јазици и предисториска уметност“, што се реализира во Удине, Италија.

Изложбата е во организација на градските музеи на Удине во соработка со универзитетите во Сиена и Фиренца и ќе биде отворена од овој месец до февруари 2018 година.

Музејот на Македонија учествува на изложбата со комерцијални копии на предисториски фигурини, садови и модели што ќе бидат пристапни за лицата со посебни потреби и на тој начин првпат ќе може да ги допрат и доживеат овие предмети и воедно да се запознаат со нивниот изглед.

„На тој начин преку овој сегмент од изложбата ќе се овозможи тактилна интеракција меѓу посетителите и културното наследство, што ретко се применува во музеите. Овој интерактивен отсек е само еден дел од поголема изложба на која се претставени палеолитски, неолитски и енеолитски фигурини од Италија, Германија, Словенија, Србија, Романија, Украина и други земји“, вели в.д. директорот на Музејот на Македонија, Гордан Николов.

Во рамките на овој настан, во кого се вклучени петнаесетина европски институции, се одржуваат и две конференции на кои се презентираат идеите за поголема пристапност и отвореност на музеите кон поширока публика вклучувајќи ги и лицата со посебни потреби. Активноста е реализирана по иницијатива на д-р Гоце Наумов, вработен во Музејот на Македонија.

(Макфакс)