Вести, забава, спорт...

Ново место за рекреација на скопјани на кејот на реката Вардар

На кејот на реката Вардар во близина на скејт-паркот денеска беше отворена десеттата „Кока-кола активна зона“, која „Пивара Скопје“ и компанијата „Кока-Кола“ му ја донираа на Градот Скопје.

Активната зона свечено ја отворија градоначалникот на град Скопје, Петре Шилегов, и директорот за односи со јавност и комуникации на „Пивара Скопје’, Ламбро Патче.

– Навистина ми е чест што градот Скопје повторно е дел од овој проект, преку кој заедно со „Пивара Скопје“ и компанијата „Кока-Кола“ имаме можност да ги мотивираме граѓаните редовно да спортуваат и да практикуваат активни животни навики дотолку повеќе што целата оваа зона и инфраструктура е бесплатна за користење и достапна за граѓаните во секое време. Нашата цел е да имаме чист, модерен и безбеден град и граѓани што се грижат за себе и за својата средина. Токму затоа „Кока-кола активната зона“ е од големо значење за градот Скопје и апелирам до граѓаните на нашиот град да ја чуваат и да се грижат за неа. Исто така, ги повикувам сите компании да го следат овој позитивен пример за општествена одговорност и да покажат поголема корпорациска одговорност, односно преку инвестирање во заеднички јавни добра да инвестира и во развојот на својот бизнис, општата бизнис-клима и нашето заедничко Скопје – истакна градоначалникот Шилегов.

Проектот „Кока-кола активни зони“ се реализира во повеќе општини во Македонија и тој вклучува поставување фитнес-зони на отворено, опремени со најмодерни професионални справи за вежбање, достапни 24 часа на сите граѓани, без никаков надомест.

Проектот е дел од глобалната платформа на „Пивара Скопје“ и компанијата „Кока-кола“ за промоција на физичките, спортските и рекреативните активности и вложување во заедницата како основа за создавање навики за активен животен стил и мотивирање на граѓаните редовно да спортуваат и да се рекреираат.

Оваа активна зона е втора донација во Скопје по првата која минатата година беше отворена во општина Гази Баба и која истовремено го означи почетокот на долгорочниот проект на „Пивара Скопје“ и компанијата „Кока-Кола“.