Вести, забава, спорт...

Скибе не ја губи надежта по дебаклот на „Максимир“

Селекторот на фудбалската репрезентација на Грција, Михаел Скибе, изјавил дека победата на Хрватска (4:1) во првиот бараж-натпревар за пласман на мундијалот во Русија е заслужена и дополнил дека му е жал што неговите играчи не постигнале уште еден гол.

„Првиот и четвртиот гол се последица на нашите грешки. Жалам само што ние не постигнавме уште еден гол. Секако дека 4:2 ќе беше подобар резултат“, изјавил Скибе за агенцијата „Хина“.

Возвратниот дуел во Атина ќе се одигра в недела, но малкумина веруваат дека Грција може да го оспори пласманот на Хрватска на светското првенство.

„Можам само да ѝ честитам на Хрватска на заслужената победа… Во второто полувреме игравме подобро, влегувавме во шанси, но немавме среќа“, рекол германскиот тренер.

Скибе потенцирал дека на тактички план ништо не го изненадило во играта на противникот и дека тоа не е причината за високиот пораз.

„Ништо не ме изненади. Очекував тежок меч, но се надевав на подобар резултат. Секако дека и јас направив грешки, а грешеа и моите играчи“, рекол тој.

Селекторот на Грција сепак сѐ уште не ја загубил надежта дека репрезнетацијата може да избори руска виза.

„Се надевам дека во вториот меч ќе бидеме подобри и дека ќе бидеме рамноправен ривал“, заклучил Скибе.

(Макфакс)