Вести, забава, спорт...

ВМРО-ДПМНЕ: Дефицитот од предлог-буџетот ќе треба да се покрива со енормни задолжувања

Предлог Буџетот е неразвоен и го зголемува буџетскиот дефицит за нови 300 милиони евра, кои ќе треба да се покрива со нови енормни задолжувања, изјави Драган Данев од ВМРО-ДПМНЕ.

Опозицијата смета дека ќе се продлабочи буџетската дупка, а тоа ќе значи повеќе кредити, а помалку пари кај граѓаните.

„Буџетот и покрај тоа што е најголем во историјата на Република Македонија не е насочен кон развој, туку кон стагнација, во предлог буџетот не се предвидени пари за покачување на платите, пензиите социјалната помош, субвенциите и капиталните расходи“, рече Данев.

Од ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека нереално е да се очекува 3.2% економски раст за 2018-та година, кога тековната 2017. ќе заврши со едвај 0.5% раст.

„Новата влада најавува поголеми даноци, поголеми административни бариери и додатно трошоци за граѓаните и бизнис секторот, наивно е да се верува дека тоа ќе донесе до економски раст. Треба да очекуваме намалување на економската активност, намалување на паричната маса и нов бран на отпуштања. Светска Банка и ММФ ја прават проекцијата врз основа на моменталните политики и мерки, а новата влада веќе најавува нови рестриктивни мерки“, рече Данев.

Додаде дека откако ВМРО-ДПМНЕ ќе ги изанализира сите аспекти на буџетот, во наредните денови партијата ќе излезе во јавноста со прецизна анализа и свои предлози.