Вести, забава, спорт...

Истражување: 66 отсто од корисниците имаат купено барем еден производ на интернет

В петок во Драмски театар во Скопје ќе се одржи шестото издание на единствената конференција за дигитални комуникации во Македонија, AllWeb. Програмата е поделена во три целини, во рамки на кои ќе се зборува за е-трговија (omnychannel, payment processors, analytics), перформанс-маркетинг (PPC, conversions, optimization) и содржина (social media, influencer marketing, monetization).

„Интересот на публиката за годинешнава конференција е одличен, дури можам да кажам и поголем од очекуваниот“-вели Дарко Булдиоски, програмски директор на конференцијата. „Особено нè радува фактот што многу нови мали и средни бизниси решија да се вбројат на листата компании кои сакаат да ги прошират знаењата и поимањето на дигиталниот маркетинг“, додава тој.

Дел од имињата на говорници кои до сега не беа објавени се Горан Секуловски и Милош Скокиќ од Жишка, кои ќе зборуваат за тоа како да користите „Инстаграм“ за да си помогнете во продажбата. Eјми Холанд ќе говори за т.н. чет ботови, а Дамјан Дамјановски- дигитален стратег и евенгелиста- својата презентација ќе ја фокусира на градењето стратегија и интегриран пристап во маркетингот.

Публиката на AllWeb ќе има можност ексклузивно да ги слушне резултатите од неодамна завршеното истражување за интернет-продажба на производи за широка потрошувачка во Македонија. Истражувањето е спроведено за потребите на конференцијата од страна на Инсајдер ИД, агенција за истражување на пазарот. Резултатите ќе одговорат на прашања како: колку од корисниците на интернет во Македонија купуваат онлајн; на која старосна група ѝ припаѓаат купувачите; во која насока ќе се развива онлајн пазарот во иднина и сл.