Вести, забава, спорт...

„Исцелител“ ја освои наградата од публиката на Солунскиот филмски фестивал

Филмот „Исцелител“ на македонскиот режисер Ѓорче Ставрески вечерва ја освои наградата на публиката во рамки на „Balkan Survey“ програмата на 58-от Солунски филмски фестивал.

Тоа e единствената награда што се доделува во балканската програма и прва награда доделена на македонски филм во 58-годишното постоење на фестивалот.

Балканската програма оваа година беше исклучително престижна, учествуваа 10 филма, меѓу кои и овогодинешниот добитник на сребрена мечка на берлинскиот филмски фестивал, романскиот „Ana Mon Amour“, потоа добитникот на Фипресци наградата на Софискиот филмски фестивал, српскиот филм „Реквием за госпоѓа Ј“ и уште еден романски филм, учесник во официјална конкуренција на Локарно – „Charleston“.

„Сè уште сум под огромни ипмресии. Големо задоволство во моментов ми е што наградата на публиката ми покажа дека филмот кој се движеше на тенка линија помеѓу драма и комедија целосно допре до интернационалната публика. Се смееја на хуморот, се плашеа за главниот јунак, навиваа за среќна завршница. Имав две прекрасни проекции, а во релаксирана атмосфера слушнав коментари кои ми покажаа колку сме блиски како култури, особено притиснати од нашите апсурдни балкански невољи. Се надевам на добар прием и кај нашата публика“ – изјави режисерот Ѓорче Ставрески.

Филмот „Исцелител“ македонската премиера ќе ја има на фестивалот „Синедејс“ на 19 ноември.

(Макфакс)