Вести, забава, спорт...

Што ќе се случи со спомениците „Воинот на коњ“, „Ќосето“ и „Мајка Тереза“?

Министерството за култура ги добило од работната група првите елаборати за спомениците на Андон Јанев – Ќосето кај коплексот судови, на „Мајка Тереза“ и за „Воин на коњ“ на плоштад „Македонија“, соопшти министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, кој денеска учествуваше на конференцијата за програмата на Европската Унија „Креативна Европа“.

Елаборатите, како што изјави Алаѓозовски, ќе бидат проследени до Владата, која ќе одлучи што понатаму со нив.

– Дел од елаборатите се подготвени и ги разгледуваме надлежностите на институциите на локално и на централно ниво за овие објекти – рече министерот за култура, кој појасни дека процедурите се толку згрешени што е сложено да се отплетка кој е надлежен да преземе активности во однос на овие објекти поставени во Скопје.

Алаѓозовски изјави дека културното наследство не само што не било соодветно третирано, туку дека било и злоупотребено.

– Многу актуелни градби, како скулптуралната композиција која носи чуден наслов „Мајка Тереза“ беше погрешно финансирана од програмата за културно наследство, иако таму нема никакво културно наследство. Истото се однесува и за спорните градби на Плаошник. Ние ќе го заштитиме вистинско културно наследство. Обезбедивме средства за манастирот Трескавец, обезбедивме средстав за Офицерскиот дом, ќе обезбедиме средства и за нашето најзагрозено културно наследство – рече Алаѓозовски, додавајќи дека нема да се дозволи проектот „Скопје 2014“ да продолжи и да повлекува финансиски средства.

Извор: Мета.мк