Вести, забава, спорт...

Фридом хаус: Се повеќе влади манипулираат со социјалните медиуми и интернетот

Владите низ светот драматично ги зголемуваат нивните напори да манипулираат со информациите на социјалните медиуми, заканувајќи се на интернетот како слободна технологија, се наведува во последниот извештај Слобода на интернетот 2017, кој годишно го објавува организацијата Фридом Хаус.

Извештајот Слобода на интернетот 2017 ја проценува интернет слободата во 65 земји од светот, во кои се наоѓаат 87% од вкупниот број на интернет корисници на планетата. Публикацијата се задржува на настаните кои се случиле помеѓу јуни 2016 и мај 2017 година.Според извештајот, од анализираните држави, само 16 се карактеризирани како „слободни“, 28 се „делумно слободни“, додека 21 земја е „неслободна“. Естонија и Исланд остануваат двете држави со најголема слобода на интернетот.

Организацијата „Фридом хаус“ изразува загриженост поради тоа што се повеќе држави го следат примерот на Русија и на Кина во манипулација на социјалните мрежи и следење на противниците на интернет. Според студијата за слобода на интернетот, владите на 30 земји манипулирале со интернет во 2017, додека во претходната година бројот на држави бил за седум помалку. Во извештајот се наведува дека онлајн манипулациите и тактиките на дезинформирање имале важна улога во изборите на најмалку 18 држави минатата година, помеѓу нив и во САД, нанесувајќи штета на можноста граѓаните да одлучат за нивната власт врз основа на факти и автентична дебата. Тактиките на дезинформирање придонеле за падот на слободата на интернет седма година по ред, како и зголеменото нарушување на услугите на мобилен интернет и зголемените физички и технички напади на независните медиуми и заштитниците на човекови права.

 

Помеѓу значајните работи кои ги истакнува Фридом Хаус е зголемената софистицираност на онлајн манипулациите, преку ботови и лажни вести. Организацијата тврди дека преку веродостојни извештаи утврдиле дека во 30 од 65 земји владите вработуваат или плаќаат луѓе кои манипулираат со онлајн дискусиите, без нагласување за природата на нивната работа, а истовремено се зголемил и бројот на автоматизирани профили на социјалните мрежи кои манипулираат со дискусиите на интернет.

Кина и натаму е на врвот на земјите кои манипулираат со интернет поради цензура, борбата против анонимноста и затворање дисиденти кои се активни на интернет. „Употребата на платените коментатори и политичките ботови за ширење владина пропаганда беше промовирана од Кина и Русија, но сега стана глобална. Ефектите врз демократијата и граѓанскиот активизам од овие техники кои многу брзо се шират, се потенцијално катастрофални“, вели Мајкл Абрамовиц, претседател на „Фридом хаус“.

Директорката на проектот „Слобода на Интернет“ Сања Кели објаснува дека таквите манипулации често се тешки за откривање и уште потешки за борба со нив, за разлика од другите видови цензура, како што се блокирање веб-страници.

Влади на 14 земји ја ограничиле интернет слободата со цел спротивставување со манипулативни содржини. Анкара ангажирала дури 6 илјади луѓе од владејачката партија за борба против владините опоненти на социјалните мрежи. Украинските власти, пак, ги блокираа сервисите од Русија, откако руски агенти ги преплавија социјалните мрежи со фабрикувани содржини кои го поддржуваат Кремљ.