Вести, забава, спорт...

ВМРО-ДПМНЕ: Заев за 6 месеци не презеде ништо за намалување на загадувањето на воздухот

Болниците се преполни со пациенти со респираторни заболувања, а последиците од загадениот воздух сè повеќе ги чувствуваат и децата и возрасните. Единствен спас граѓаните гледаат во затворање во сопствените домови, се вели во утринското соопштение од ВМРО-ДПМНЕ.

„Владата на Зоран Заев 6 месеци нема преземено ниту еден суштински чекор за прочистување на воздухот. Наместо почист воздух, нивото на загаденоста урива рекорди. Цели градови се гушат во смог, а ветувањата на СДС доживуваат фијаско. Експертите апелираат дека по одредено време на изложеност на загаден воздух, штетата по организмот е огромна, а загадувањето најмногу се одразува врз кардиоваскуларниот систем, предизвикувајќи низа заболувања“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Оттаму додаваат дека наместо да се справуваат со загадувањето, градоначалниците на СДС тргнале со контрамерки и дека Шилегов и Богоев ги стартувале мандатите со сечење дрвја низ градот.

„Мерните станици на Министерството за животна средина и просторно планирање секојдневно алармираат превисоки концентрации на ПМ10 честичките, загадено е низ цела Македонија, вчера особено алармантно беше во Тетово, изнесуваше 120 мг/м3. Додека во Карпош изнесуваше 106 мг/м3, а во Кавадарци 101 мг/м3. Згора на тоа СДС се дрзна да го укине и Ден на дрвото. Преку оваа акција досега се засадија над 36 милиони садници, со над 50 отсто успешност, што е висок процент за ваков тип садници. Граѓаните врз сопственото здравје почнаа да ги чувствуваат лагите и манипулациите на владата на СДС. На Заев му е побитно да продава евтин популизам отколку да реализира реални мерки со кои ќе се подобри живеењето на граѓаните на Република Македонија“, нагласуваат од ВМРО-ДПМНЕ.