(Видео) Кинезите претставија летечко такси

Кинеската технолошка компанија EHang Inc. минатата недела го претстави првиот дрон во светот способен за превоз на патници.

Такси-дронот со назив еhang 184 своето деби го доживеа во јужниот кинески град Гуангжоу.

Придвижуван е од автоматски систем за летање, така што патниците не мора да знаат да управуваат со ова минијатурно летало. Сепак, патниците со искуство во пилотирањето можат да управуваат и директно од кабината.

„Ниту едно од традиционалните летала не може да реализира целосно автономен лет, па поради тоа тие се далеку од обичните луѓе. Но, нашиот успешен лет денес покажува дека сцените што засега ги гледаме само во научно-фантастичните филмови се многу близу до реалност“, рече директорот на EHang, Ху Хуажи.

Повеќе од 150 инженери извршиле пробни летови во времетрање од илјадници часови, вклучувајќи и тестови за вертикално искачување, тест со товар од 230 килограми и тест при брзина до 130 километри на час, соопшти кинеската новинска агенција „Ксинхуа“. Најновиот тест со човечки патници е последен во низата.

Дронот е едносед и може да пренесе еден патник со тежина до 100 килограми на лет долг 23 минути.

„Дронот може да им помогне на луѓето да го избегнат сообраќајниот метеж на земјата, но исто така и за други цели, како итни случаи за спасување или пренесување пациенти до болница“, изјави ко-основачот на EHang, Дерик Чонг.