Научниците направиле хибрид меѓу човек и овца

Година дена откако беше соопштена веста за создавање хибрид меѓу свиња и човек, научниците од Универзитетот во Калифорнија успеале во лабораториски услови да создадат хибрид од човек и овца, пренесува „Гардијан“.

Овој пат во овчи ембрион биле вметнати човечки клетки со цел во иднина да се овозможи органите и ткивата за трансплантација да се одгледуваат во животни.

„Дури и оние органи кај кои постои најголемо совпаѓање, како што се органите кај идентични близнаци, брзо пропаѓаат бидејќи имунолошкиот систем на примателот често ги одбива“, изјави доктор Пабло Рос, еден од водечките истражувачи во проектот.

„Химерите“, како што се нарекуваат ваквите организми, исто така може да се користат за тестирање лекови бидејќи тие ќе реагираат на нив на сличен начин како и луѓето. Сепак, Рос нагласува дека и покрај најновиот успех, пред научниците претстои долга и макотрпна работа.

„На 10.000 овчи клетки, ембрионот содржи само една човечка, а соодносот треба да биде најмалку 100:1 за ваквата метода да биде успешна“, додават тој. Исто така, постојат бројни етички прашања.

„Доколку човечките клетки дојдат до мозокот на животното и неговата интелигенција почнува да се менува, таквиот експеримент не би требало да продолжи“, објаснува тој.

Сепак, неговиот колега доктор, Хро Накаучи, вели дека мала е веројатноста за такво сценарио.

„Пропорцијата на човечки клетки во ембрионот е многу мала. Не е како да правиме животно со човечко лице или човечки мозок“, додава тој.