Европска премиера на филмот Бикини Мун на Милчо Манчевски на ФЕСТ во Белград

(МИА) – На белградски ФЕСТ вечерва најновиот филм на режисерот Милчо Манчевски, Бикини Мун ќе ја има европска премиера.

– Филмот кој е во американска продукција и во режија и сценарио на Милчо Манчевски преставува драма, еден психолошки пресек за девојката по име Бикини Мун Дејвис, Американка кој служела војска во Ирак и која сега живее во Њујорк и се справува со општеството, со ментални проблеми и со природата на вистината, изјави режисерот Манчевски пред вечерашната премера на неговиот најнов филм.

– Филмот е психолошки пресек на едно парче од нејзиниот живот. Филмот е една покана да се влезе во светот на Бикини Мун, да се погледне денешното општество низ нејзините очи, да се погледне Њујорк и светот во кој медиумите не контролираат низ нејзините очи и додека го истражуваме сето тоа, цело време да се прашуваме што е вистина, а што не е вистина. Овој филм е современа игра и современа бајка, додаде Манчевски.

Филмот е сниман во Њујорк на вистински локации каде Манчевски живее последниве 30 год.

– Сите досегашни филмови иако ги снимав во Македонија, која е дел од мене, која ми е во срце, јас секогаш доаѓав од Њујорк во Македонија, носев добар дел од финансиите и екипи. Но ова е првпат по подолго време да работам нешто што е целосно американско и задоволство е да се работи во Њујорк, кој е визуелно страшно богат, има извореден избор на актери, каде кастингот го правевме со 200 актери, бидејќи барав актери кои го знаат занаетот и имаат внатрешна енергија, рече Манчевски.

Во Бикини Мун главните улоги ги имаат искусните глумци Кондола Рашад, Сара Голдберг и Вил Јанович, а директор на фотографијата е Џошуа Вајнштајн

Според Милчо Манчевски, предизвик за темата на филмот Бики Мун е неговиот интерес за местото каде се судираат, се спојуваат, се среќаваат и се бакнуваат вистината и лагата, документарното и играното и како би изгледало кога би имале еден лажен документарец или филм кој што го гледаме, да откриеме што е вистина или конструкција.Тоа е една игра.

Покрај филмот Бакини Мун, Милчо Манчевски на реномираниот филмски фестивал ФЕСТ е и претседател на жири комисијата.

– Чест ни е што на 46. белградски меѓународен фестивал-ФЕСТ е европската премиерата на филмот на Манчевски и дека тој како режисер со светски глас е претедател на жири комисијата, изјави Југослав Пантелиќ, уметничкиот директор на ФЕСТ.

– Интересно е и дека режисерката Катерина Вражалиќ сними документарен филм, портрет посветен на овој голем режисер, кој исто така премиерно ќе биде прикажан на ФЕСТ, рече Пантелиќ.

По светската премиера во Бразил во Сао Паоло и европската премиера вечерва на ФЕСТ во Белград, филмот Бикини Мун ќе биде прикажан и во Порто, следната недела ќе ја има американската премиера во Сан Хозе, потоа филмот ќе се емитува во Софија, Истанбул и на други меѓународни фестивали, а на 22 март во кино Миленуим во Скопје, ќе ја има македонската премиера, во дистрибуција на Манаки филм.