Мицкоски: За два месеца Владата го задолжи секое семејство 1.000 евра

За два месеца владата на СДСМ го задолжи секое семејство 1.000 евра, тврди претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

На прес-конференција тој упати остри критики за владината економска политика обвинувајќи дека
во првите два месеца оваа година Владата ја задолжила Македонија дополнителни 545 милиони евра, што во просек, како што вели, значи дека секое семејство во Република Македонија е задолжено со дополнителни 1.000 евра.

„Она што повеќе загрижува е фактот дека овие пари, со кои ја задолжи Република Македонија, не се вложени во развојни проекти како би гарантирале поврат на истото задолжување на среден и долг рок.
Вториот параметар што сакаме да го коментираме е растот на БДП. Во првите три квартала од 2017 година растот на БДП во Република Македонија е на ниво минус 0,4 проценти. Доколку се анализираат макроекономските параметри во четвртиот квартал од 2017 година, тогаш многу лесно можеме да дојдеме до заклучокот дека во 2017 година македонската економија ќе има раст на БДП на ниво помеѓу 0 и 0,2 проценти на годишно ниво“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека доколку се анализира расот на БДП на светската економија, тогаш може да се дојде до заклучокот дека додека светската економија бележи рекордни резултати и раст, ние мораме да се задоволуваме со потпросечни резултати.