„Исцелител“ ќе биде прикажан премиерно во Италија

Македонскиот филм „Исцелител“ е избран во официјалната конкуренција на 36-тиот меѓународен филмски фестивал во Италија, „Бергамо филм митинг“, во која ќе се натпреварува заедно со 6 други филмови.

„Исцелител“ ќе биде прикажан на првата натпреварувачка вечер на фестивалот во 20 часот, а во наредните денови ќе има уште едно прикажување. Фестивалот во Бергамо се одржува од 10-ти до 18-ти март.

На фестивалот оваа година ќе се прикажат повеќе од 150 долгометражни, документарни и кратки филмови. Во склоп на фестивалот ќе се одржат и работилници, филмски маратони и изложби. Оваа година ќе има ретроспектива и изложба на фотографии посветени на норвешката актерка Лив Улман која е специјален гостин на фестивалот. По повод педесет годишнината на Прашката пролет на фестивалот во фокус ќе бидат „Бунтовнивниците од 1968“, програма која ќе прикаже 7 филма од „Новиот бран“ на Чешко-Словачката кинематографија.

Во официјалната програма заедно со „Исцелител“ се добитникот на награда на фестивалот во Трибека „Смрзната мајка“ на Бодан Слама, добитникот на награда на филмскиот фестивал во Атина „Мобилни домови“ на Владимир Де Фонтенау и други.

Главните улоги во филмот „Исцелител“ ги толкуваат: Благој Веселинов и Анастас Тановски, а останатите улоги: Аксел Мехмет, Димe Илиев, Александар Микиќ, Мирослав Петковиќ, Симона Димковска и други. Автори на музиката се Бранислав Николов, Пеце Трајковски-Брада и Гоце Јованоски, директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер Мартин Иванов, а сценарист, режисер и продуцент е Ѓорче Ставрески. Филмот е во продукција на Фрагмент филм од Скопје.