Секогаш во средиштето на збиднувањата...

Холандскиот амбасадор изрази интерес за проблемите на општина Карпош

Градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев, денеска оствари официјална средба со холандскиот амбасадор, Вилем Воутер Пломп.

Амбасадорот Пломп се интересирал за клучните проблеми со кои се соочува општината, особено за преголемата задолженост и непланската урбанизација. Притоа Богоев напоменал дека превработеноста и ненамирувањето на обврските кон фирмите се едни од главните причинители за големиот долг на локалната самоуправа.

„Се соочивме со пренатрупана општинска администрација и урбанистички проблеми на повеќе локации во Карпош. Со цел градење ефикасна администрација како сервис на граѓаните во процес сме на менување на лошите практики и изградба на нов и одржлив систем за работа и реализација на проектите што ги ветив пред граѓаните“, рекол Богоев.

На средбата станало збор и за иницијативите за детаљните урбанистички планови, кои се пред Уставниот суд на Република Македонија, информираат од одделението за односи со јавност на Општината.

„Произнесувањето, одговорот на Уставниот суд, е од големо значење за сите страни, за Општината, граѓаните, инвеститорите“, нагласил притоа Богоев.

На средбата посебен акцент бил ставен на фактот дека локацијата на идниот клинички центар не навлегува во утврдените граници на археолошкиот локалитет Скупи, а aмбасадорот Пломп се интересирал и за новите проекти што Општината ќе ги започне најбргу што може.

Притоа било нагласено дека изградбата на новиот парк, засадувањето нови дрвја и зеленило и изведбата на повеќе зелени скверови ќе бидат почетните пролетни активности на Општината.