„Исцелител“ на најголемиот фестивал во Прага, „Фебиофест“

Филмот „Исцелител“ ќе биде прикажан на 25-тиот меѓународен филмски фестивал во Прага, што е најголем филмски фестивал во Чешка и втор по значење во земјата по фестивалот во Карлови Вари. „Исцелител“ ќе се прикажува во програмата „Балканско ехо“ на 18, 19 и на 20 март.
Оваа година на фестивалот ќе се прикажат повеќе од 160 долгометражни филма во 15 категории. Во програмата „Балканско ехо“, заедно со „Исцелител“, се прикажуваат и други 9 филма, меѓу кои е и „Кога денот немаше име“ во режија на Теона Стругар-Митевска.
„Исцелител“ во првата половина на март имаше прикажувања и на „Косморама“ во Норвешка, „Бергамо филм митинг“ во Италија и „Софија филм фест“ во Бугарија.
„Фебиофест“ е основан во 1993 година. Започнал да се одржува во Прага во две мали киносали, а за помалку од 10 години прераснал во фестивал со повеќе од 140.000 гледачи и многубројни проекции што се одржуваат во 43 киносали. По завршување на фестивалот во Прага, некои од филмовите во склоп на фестивалот се прикажуваат и во други градови. Фестивалот нуди широк спектар на современи, висококвалитетни филмови, но и ретроспективи на стари филмови.
Во изминатите 20 години гости на „Фебиофес“ биле Нани Морети, Гаспар Ное, Том Тиквер, Клод Ла Луш и други.