Шилегов се сретна со пазарџиите на дивите тезги на Бит-пазар

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов, заедно со градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, претставници од „Скопски пазар“ А.Д Скопје и еснафи од Старата скопска чаршија денеска во Занаетчиската комора денеска остварија средба со пазарџиите кои продаваат стока на незаконски поставените тезги во близина на Бит-пазар.
Од прес-службата на градот соопштија дека во присуство на над 50 продавачи, станало збор за планот и претстојните активности на Град Скопје за уредување на пазарот и за урбанизирање на јавните површини по должината на булеварот Крсте Мисирков.
„Дојдовме да поразговараме со вас и заедно да најдеме решение. Хаосот на Бит-пазар којшто е долгогодишен проблем мора да се реши. Град Скопје реши да го уреди овој дел од градот, а за таа цел на овој потег ќе се реконструираат тротоарите, ќе се постават столпчиња и жардиниери, ќе се уреди такси-станица, ќе се засадат дрвореди, реконструираат и осветлат пасажите од булеварот кон чаршијата и ќе се ослободат тротоарите од дивопоставените тезги. За таа цел се овозможени бесплатни тезги за два месеци за пазарџиите што ќе влезат во пазарот и ќе продолжат да работат на тие тезги. Со вашето влегување на пазарот на Бит-пазар сите ќе бидете еднакви, со еднакви услови за работа. Отворено кажувам дека еднакво внимание ќе укажуваме за развој на двете страни на Вардар. Правилата и редот мора да важат насекаде“, истакнал Шилегов на средбата со пазарџиите.
Тој образложил дека станува збор за предизборен договор и обврска за избраните градоначалници и премиерот и појаснил дека по уредувањето на јавните површини кај Бит-пазар, ќе се уредуваат и другите влезови кон чаршијата од плоштадот „Скендербег“ и од кај црквата „Свети Спас.“
Градоначалникот Ганиу на пазарџиите им гарантирал тројно повеќе посетители ако се воспостави ред на Бит-пазар.
„Не сакаме никого да оставиме без работа или да го спречиме да си ја продава стоката, затоа предвидуваме транзициски период со бенефиции за да може секој да се снајде“, им рекол Ганиу на пазарџиите.
Од Град Скопје додаваат дека пред средбата, на пазарџиите им биле поделени летоци со информативна содржина за плановите на надлежните институции и за можноста овие луѓе да склучат договори со „Скопски пазар“ А.Д Скопје.
„Имајќи целосно разбирање дека трговците кои работат на нелегално поставените тезги во близина на Бит-пазар вложуваат многу труд за да заработат за основните средства за живот, Град Скопје во соработка со „Скопски пазар“ на овие луѓе им обезбеди да им бидат понудени на користење тезги во рамките на Бит-пазар под одредени поволни услови за нив. За таа цел, овие лица треба да склучат договор со „Скопски пазар“ А.Д Скопје, но претходно да се јават на телефонскиот број  02/3111 880“, соопшти прес-службата на Градот.