Прилепските пензионери ќе користат бесплатен градски превоз секој работен ден од 8 до 12 часот

Советот на Општина Прилеп денека донесе одлука за дополнителни 2 часа бесплатен градски превоз за пензионери, односно жени повозрасни од 62 години и мажи од 64 години. Во согласност со одлуката, оваа категорија граѓани бесплатно ќе се возат со прилепските градски абтобуси секој работен ден од 8 до 12 часот.
„Ова е надополнување на одлуката, што ја донесовме на претходната седница, со продолжување на бесплатниот превоз. Почетокот на бесплатниот превоз ќе биде од 8 часот сè до 12 часот, секој работен ден. Советот му даде обврска на директорот на ЈП за ПУП на следната седница да поднесе извештај дали може да се прошири опфатот на некои други категории граѓани, кои имаат потреба од бесплатен градски превоз, односно дали би имало финансиски импликации врз јавното претпријатие ако оваа одлука важи и во сабота и во недела“, изјави Миле Талевски, претседател на Советот на Општина Прилеп.
Оваа одлука на прилепскиот Совет доаѓа по сугестиите на пензионерите по примена на првата одлука, според која им беше одобрен бесплатен градски превоз од 2 часа. На средбите со градоначалникот Илија Јованоски тие потенцираа дека оваа бенефиција би ја искористиле во целост доколку има можност барем до пладне превозот за нив да биде бесплатен.