НБРМ пушти во оптек нова 100 денарка – еве како ќе изгледа

Народната банка на Република Македонија соопшти дека е издадена и пуштена во оптек кованата пара за колекционерски цели „Близнаци“ од серијата „Хороскопски знаци“.

На аверсот, во централниот дел на монетата се прикажани четири атласа коишто го држат небото и круг со симболите на сите хороскопски знаци. На вметнато кобалтно стакленце е претставена слика на северното небо со ѕвездата Северница во центарот, опкружена со соѕвездието Близнаци. Во долниот дел е претставен цртеж на Сончевиот Систем. На основата е прикажан дел од небесната карта. Во долниот дел од аверсот се прикажани грбот на Република Македонија и годината на издавање на монетата – „2018“. Исто така, прикажани се и натписи на македонски јазик: „Република Македонија“ и „100 денари“.

На реверсот, во горниот дел од монетата е претставена слика на близнаци од ѕвездениот атлас „Firmamentum Sobiescianum“, создаден од Јоханес Хевелиј на крајот на 17 век. Сликата на хороскопскиот знак близнаци и неговото соѕвездие, претставена на монетата, преминува и на вметнатото кобалтно стакленце. Во горниот дел од монетата е претставен симболот на хороскопскиот знак близнаци. Во долниот дел е претставена златна слика на близнаци, врз цртеж на кој е претставен Сончевиот Систем. На десната страна е прикажано латинското име на хороскопскиот знак – GEMINI, а на левата страна, ознаката Ag 925.

Цената на кованaтa парa „Близнаци“ изнесува 2.800 денари. Кованите пари за колекционерски цели издадени од Народната банка се законско средство за плаќање во Република Македонија.