Град Скопје: Субвенциите за велосипеди не се намалуваат, само се врши пренамена на средствата

Градот Скопје ги демантира наводите изнесени во денешното соопштение на ВМРО-ДПМНЕ, каде истите тврдат дека се намалуваат субвенциите за граѓаните за набавка на велосипеди.
„Сакаме да ја информираме јавноста дека сумата која Град Скопје ја предвидува за субвенционирање на граѓаните за набавка на велосипеди оваа година е иста како и минатата 2017 година, поточно таа изнесува 10 милиони денари. Овој факт говори дека не станува збор за никакво намалување на субвенциите или, пак, за некакво намалување на средствата предвидени за оваа активност, туку станува збор за нови начини на нивна прераспределба. Новитет е што оваа година највисоката сума со која Град Скопје ќе учествува во набавката на велосипеди е намалена на 3.000 денари, со цел на зголемување на бројот на граѓани кои ќе имаат можност да ја искористат оваа погодност и да набават велосипед. Со ова, Градот Скопје сака да стимулира што е можно поголем број  граѓани да набават и користат велосипеди, наспроти помал број граѓани да набават поскапи велосипеди“, се вели во реакцијата.
Дополнително, велат од Град Скопје, во овогодишниот јавен повик ќе бидат предвидени и 1 милион денари за субвенции за набавка на рачни велосипеди (велосипед на рачен погон), како и рачни велосипеди со електрични помагала за лица со посебни потреби.