Сите очи вперени кон Москва: Путин се огласи по нападот врз Сирија

Рускиот претседател, Владимир Путин, го осуди нападот во Сирија. Агенцијата „Тас“ извести дека Путин рекол дека сегашната ескалација околу Сирија има разорно влијание врз целиот систем на меѓународните односи.
Путин, исто така, навел дека Русија повикува на итен состанок на Советот за безбедност на Обединетите нации за, како што рекол, агресивните акции на САД и нивните сојузници во Сирија.
Претходно амбасадорот на Русија во САД, Анатолиј Антонов, рече дека нападот нема да остане без последици.
„Се оправдаа нашите стравови. Не се слушаа нашите предупредувања. Се реализира претходно планирано сценарио. Предупредувавме дека такви акции нема да останат без последици. За сè се одговорни Вашингтон, Париз и Лондон“, се наведува во соопштението на руската амабасада.
САД, Велика Британија и Франција ноќеска извршија воздушен напад на цели во Сирија. Гаѓани биле локации кои, како што соопштија лидерите на трите држави, имаат врска со производство на хемиско оружје, а во нападите нема жртви. Пентагон соопшти дека целите на напад биле Дамаск и две локации во близина на Хомс. Нападот е извршен како одговор за наводното користење на хемиско оружје во сирискиот град Дума во напад што беше извршен минатата недела.
„Наредив вооружените сили да почнат прецизни напади на мети поврзани со арсенал на хемиско вооружување на сирискиот диктатор Башар ал Асад“, рече Трамп во обраќањето на нацијата.