Германскиот амбасадор на средба со Заев: Македонија има поддршка од Бундестагoт за своите евро-атлантски цели

Премиерот Зоран Заев претпладнево се сретна со Томас Герберих, амбасадор на Република Германија во Република Македонија. Како што информираат од владината прес-служба, на средбата биле поздравени реформските чекори на Република Македонија и добрососедските односи кои водат кон остварување на стратешките евро-атлантски цели на државата.

Германскиот амбасадор на средбата ја пренел поддршка од Република Германија за евро-атлантските аспирации на Република Македонија информирајќи дека Македонија ја има мнозинската поддршка и од германскиот Бундестаг за пристапување на земјава во Европската Унија.

Герберих соопштил дека пратениците од германскиот Бундестаг се вратиле во Германија со позитивни импресии од посетата на Македонија за конструктивните политики низ кои се решаваат прашањата важни за напредок на Република Македонија.

„Владата е цврсто определена кон политики што ќе овозможат квалитетен реформски процес за доброто на граѓаните и за отворање на перспективите кон ЕУ и НАТО. Очекуваме во следните три месеци поместувања на тој пат“, рекол премиерот Заев.

На состанокот се разговарало и за важноста на Дигиталниот самит, што ќе се одржи оваа недела во Скопје, како и за инвестициските можности што треба да придонесат кон економски развој на Република Македонија.