Макрон: Јас го убедив Трамп да остане во Сирија за време на нападите

Францускиот претседател Емануел Макрон изјави дека тој го убедил американскиот претседател Доналд Трамп да остане во Сирија пред да почнат Обединетите нации, Велика Британија и Франција со воздушните напади врз три региони, објави Си-ен-ен.
„Пред десет дена претседателот Трамп рече дека волјата на САД е да излезат од Сирија. Го убедивме дека е потребно да останат“, рече Макрон за време на двочасовното телевизиско интервју со неколку француски медиуми.
Во петокот САД, Франција и Обединетото Кралство започнаа серија бомбашки напади врз истражувачка лабораторија и два објекта за складирање поврзани со програмата на Сирија за хемиско оружје.
Сателитските слики на објектите, лоцирани западно од Хомс и во близина на главниот град Дамаск, пред и по нападите се чини дека покажуваат дека претрпеле голема штета.
Макрон истакна дека Франција исто така го убедила Трамп дека нападите мора да бидат ограничени само врз сомнителни места за хемиско оружје.
Пред нападите имало извештаи дека Трамп сакал посилни, пошироки акции во Сирија, но бил разубеден од неговиот тим за национална безбедност. Бомбардирањето беше осудено од страна на сирискиот сојузник Русија, која во саботата се обиде да поднесе барање до Советот за безбедност на Обединетите нации да се осуди агресијата врз арапската република, Сирија од страна на САД и нејзините сојузници.
Според изјавата на Кремљ, во телефонски разговор со иранскиот претседател Хасан Рохани за време на викендот рускиот лидер Владимир Путин изјави дека какви било понатамошни напади на САД во Сирија би можеле да доведат до хаос во меѓународните односи.
И Путин и Рохани се согласиле дека нападите на ракетите сериозно ја оштетиле можноста за политичко решение во Сирија, се вели во соопштението.
За време на интервјуто Макрон рече дека Путин е соучесник во наводната употреба на хемиско оружје од страна на Сирија.
„Тие самите не користеа хлор, но методично придонесоа за немоќта на меѓународната заедница да спречи употреба на хемиско оружје со дипломатски средства“, рече тој.

Во тренд…